Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Депресијата e честа болест. Таа се разликува од вообичаените промени во расположението и краткотрајните емоционални одговори на предизвиците во секојневниот живот, повременото чувство на тага или вознемиреност кои се нормален дел од животот. Депресијата влијае на квалитетот на секојдневниот живот и предизвикува физички симптоми кои потврдуваат дека депресијата не е само „во главата“.
Депресијата влијае на телото и на умот, на физичкото здравје и благосостојбата. Непријатните чувства различно се манифестираат во телото. Многу лица се трудат да се справат со симптомите без да осознаат дека можеби се депресивни.
Социјалните симптоми се манифестираат преку проблеми со одржување на нормален ритам на работа или социјални обврски, избегнување на контакти, занемарување и неучествување во социјални активности, проблеми на работа или дома.
Замор, исцрпеност, постојано ниско ниво на енергија се меѓу најчестите симптоми. Уморот и исцрпеноста прават депресијата да изгледа уште полошо. Проблеми со концентрацијата, иритабилност, апатија, тага, недостаток на интерес за работи кои порано носеле задоволство. Едноставно се нема енергија што може да води до прекумерно спиење.
Кај мажите почесто се јавува раздразливост, агитираност и немир, неспокој. Иритабилност, неразумен гнев, ризично однесување, злоупотреба на супстанции. Мажите потешко се препознаваат дека имаат депресија и поретко бараат помош.
Депресијата е поврзана со проблеми со спиењето, потешко заспивање, несоница. Несоницата води и до депресија и една со друга се влошуваат. Сонот не одмара, и по цела ноќ спиење наутро се чувствува умор.
Депресијата боли, со болката често коегзистираат, постои намалена толеранција на болка, сé боли повеќе.
Болките во мускулите и зглобовите се чести, депресивните лица имаат поголема веројатност да имаат болки. Но и живот со постојана болка го зголемува ризикот од депресија.
Може наутро да се има добро општо чувство, но во текот на денот се јавува болка во вратот, грбот и во целата мускулатура.
Лицата со депресија почесто имаат главоболка, а лицата со главоболки се посклони кон депресија. Главоболката може да е секојдневна и не мора да влијае на секојдневното функционирање. Хронична главоболка со напрегнатост може да е знак за депресија.
Депресијата сама за себе може да предизвика градна болка која не е знак за срцева болест.
Мозокот и системот за варење се тесно поврзани и се јавуват дигестивни проблеми и нелагодност, стомачни болки и грчеви, гадење, лошо варење на храната, надуеност, нерегуларно празнење, дијареа или опстипација. Депресијата може да предизвика или да е резултат на воспалителни болести на цревата, симптомите да се помешаат со синдром на иритабилно црево.
Апетитот и исхраната флуктуираат. Депресијата се поврзува со нарушувања во исхраната, анорексија, булимија, прејадување. Некои лица се справуваат со прејадување што води до пораст на тежината и болести поврзани со гојазност. Други пак губат апетит, помалку јадат, слабеат и немаат енергија. Губиток на интерес за јадење кај постарите возрасни води до геријатриска анорексија.
Се јавуваат сексуални проблеми, се губи интересот за секс, но и некои лекови за депресија може да ја намалат желбата.
„Перцепција на контраст“ се јавува кај депресивни лица кои потешко гледаат разлики црно-бело, светот изгледа магливо.