Денеска во Грција се отвараат кафулињата, угостителските објекти и спортските центри на отворено, а Грците ќе можат да патуваат на островите, а дозволена е и пловидба на јахтите.
Кафулиња и угостителски објекти, во текот на викендот со полна пареа работеа за да се прилагодат на поставените нови стандарди за работа и да бидат подготвени за денешниот нов почеток по речиси два и пол месеца.
Масите, зависно од бројот и распоредот на столици, треба да бидат на растојание од 70 сантиметри, еден метар и десет сантиметри или еден метар и 70 сантиметри, додека пак на една маса дозволено е да има најмногу шест лица. Вработените, задолжително мора да носат маска.
Ќе бидат отворени само надворешните делови и летните тераси, а според заменик министерот за развој Никос Папатанаси, се разгледува можноста кон средината на јуни да се отворат и внатрешните делови.
Имајќи ги предвид вонредните околности и посебните стандарди за работа, на кафулињата и угостителските објекти ќе им се ослободи и дополнителен простор за поставување маси, онаму каде што нема да претставуваат пречка, а на општините нема да треба да им плаќаат дополнителна такса.
Од денеска Грците можат да патуваат на островите, а дозволена е и пловидба на јахтите. Бродовите и траектите од минатиот понеделник сообраќаат со половина од капацитетот и со посебни превентивни мерки.
Предвидено е на патниците да им се мери температурата и да пополнуваат специјален прашалник за здравствената состојба пред да се качат во брод; да постои по едно празно седиште меѓу патниците; во кабините дозволено е само едно лице, освен ако не станува збор за семејство; како и влегувањето и излегувањето да биде со одржување на потребното растојание.
Следниот понеделник, планирано е отворање на хотелите што работат во текот на целата година.