Денеска се одбележуваат 45 години од раѓањето на македонската музичка легенда Тоше Проески.
Иако неговиот живот беше краток, Тоше зад себе остави многу повеќе од музика. Остави порака, човечност и надеж дека добрината и заедништвото не се изгубени вредности. Неговата ведрина, искреност и насмевка останаа врежани во колективната меморија, а вистинската големина на неговото дело најсилно се почувствува утрото кога Македонија засекогаш се прости од него.
Во петокот, во аулата на основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, се одржа културно-уметничкиот настан „Тоше, те сакаме“, посветен на животот и делото на Проески.

Во рамки на традиционалните активности на Црвениот крст на Град Скопје, денеска ќе се реализира и крводарителска акција посветена на хуманоста и ликот на Тоше Проески. Акцијата, која со години прерасна во препознатлива хуманитарна традиција, секоја година обединува голем број граѓани, особено млади луѓе. Годинава, таа ќе се одржи во холот на Домот на АРМ, во периодот од 9:00 до 17:00 часот.
Тоше Проески трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година, околу 6:20 часот, во сообраќајна несреќа на автопатот кај Нова Градишка, во Република Хрватска. Возилото во кое се наоѓаше, управувано од неговиот пријател Ѓорѓи Ѓорѓевски, удрило во приколка на камион поради неприлагодена брзина и недоволно растојание, при што страната на совозачот, каде што седел Тоше, завршила под приколката.
Роден на 25 јануари 1981 година во Прилеп, Тоше основното образование го завршил во Крушево. Љубовта кон музиката го однела во средното музичко училиште во Битола, а подоцна и на Факултетот за музички уметности во Скопје, од каде започна патот на еден од најголемите музички уметници што ги имала Македонија.
