Деми Мур важи за една од најдобрите „одржани“ актерки, а тоа го поткрепуваат и фотографиите што ги објавува на социјалните мрежи со кои секогаш ги изненадува нејзините фанови. На нив таа изгледа беспрекорно убаво, стилизирано, како да е во своите триесетти години. Девојките се прашуваат „како“, обидувајќи се да го откријат еликсирот на младоста на оваа маркантна холивудска актерка.
Деми често сака да се пофали на Инстаграм со тоа како ужива на плажа, па многумина имале прилика да ја видат нејзината блескава и негувана кожа. Фактот што таа наполни 60 години изненади многумина, а жените склони кон споредување се прашуваат како таа која е двојно постара од нив успева да го одржи својот изглед и која е тајната?
Актерката говореше за нејзиниот режим на нега на кожата кој вклучува три чекори, а пренесе порталот gbnews.com.
Секако дека во процесот на стареење клучни фактори се негата на кожата, исхраната, начинот на живот и генетиката. Кога се избалансирани, имаме одлични резултати, а вклучувањето на производите за нега на кожата, од кои некои се поважни од другите, секако придонесува за подобрување на изгледот на кожата, а така е и во случајот со познатата актерка.
Деми откри дека секојдневно посветува посебно внимание на чистење и навлажнување на кожата. Таа за „Харпер Базар“ изјави дека и нејзината мајка ја следела оваа рутина за чистење и хидратација на лицето.
Дерматолозите истакнуваат дека навлажнувањето на кожата од тинејџерскиот период е препорачливо и корисно за изгледот на кожата во подоцните години. Тие, исто така, истакнуваат дека е важно младите и возрасните да користат дневна антиоксидативна хидрантна крема или серум за одржување на младешкиот сјај, пренесува gbnews.com.
Освен хидратација на кожата на лицето, Деми открила дека прави масажи на лицето почнувајќи од вилицата, јаболчниците, по должина на челото и вратот за да ја зголеми циркулацијата на крв, да го поттикне создавањето на колаген, а со тоа и да го подобри изгледот на фините брчки.
Во порталот се наведува дека масажата на лицето исто така е корисна за лимфната дренажа, бидејќи го прави лицето помалку отечено и ја ублажува напнатоста. Актерката откри дека секојдневно ја отстранува шминката и на овој начин избегнува затворање на порите на лицето. Колку и да сме сигурни дека знаеме да се грижиме за нашата кожа, понекогаш одењето кај стручно лице е најдобро решение. Шеесетгодишната актерка открива и дека редовните третмани кај козметичар ѝ помогнале да изгледа помладо.