Девојче веќе неколку дена во ООУ „Малина Попиванова“ во Кочани е понижувано и омаловажувано од страна на наставничката бидејќи носело шамија, тврди граѓанското движење АВАЈА кое добило информација од родител.
„Наставничката веќе неколку дена пред соучениците го понижувало девојчето со зборовите “ти не си стара жена да носиш шамија” и побарала да ја извади шамијата. По реакција на девојчето, родителот загрижен успеал да стигне да разговара со психологот и педагогот во училиште каде му биле упатени закани дека на девојчето нема да и биде дозволено да продолжи да посетува настава доколку не ја извади шамијата. Родителот укажал дека тоа не е спротивно на ниту еден закон и побарал официјално да му биде укажано за причините поради кои не може неговото дете да посетува настава со шамија. Откако не добил одговор таткото бил турнат од страна на психологот и отстранет од училиштето.
АВАЈА најостро го осудува овој случај на дискриминација по верска и етничка основа и бара да се испита целиот случај од страна на Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат и Општина Кочани и да се преземат соодветни чекори за решавање и санкционирање на лицата вклучени во омаловажување и малтретирање на ромското девојче. АВАЈА ќе достави претставка до Народниот Правобранител и ќе го пријави овој случај до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Целиот овој настан се случува во најсветиот месец за муслиманите Рамазан.
Слободата на религијата е загарантирана со Устав и закон, а дискриминацијата врз основа на религија е забранета и од тука произлегува дека институциите мора да ги почитуваат законите и да ги почитуваат начелата на религиска толеранција. Загрижува фактот што ова доаѓа од просветни работници кои имаат благородна и хумана професија преку која ги образуваат и воспитуваат идните генерации на почит на различностите кои се богатство на нашата земја“, велат од граѓанското движење Аваја.