Курсат Јилдрим од Дортмунд, Германија, на 24 септември на лотарија освои нешто помалку од 10 милиони евра и веднаш знаеше што да прави.
Инаку работник во фабрика за челик, веднаш дал отказ и отишол да пазарува автомобил. Купил Ферари 448 од 450 илјади евра и Порше С кабриолет за 250 илјади евра, а купил и скап луксузен часовник.
Откако ги направил клучните работи, 41-годишниот новопечен милионер решил да бара со кого да го подели богатството.
„Ве молам во вашата приказна нагласете дека сум соло“, рекол тој во интервју за германски „Билд“.
„Може да биде русокоса или бринета, не ми е гајле“, објаснил тој и додал дека само сака да се заљуби и да најде некоја со која ќе го прошета светот.
„Ми треба жена на која можам да ѝ верувам што и да се случи“, додаде тој.
Германскиот таблоид веќе креираше е-маил адреса на која можат да се обратат потенцијалните партнерки и која е полна со понуди. Но, милионерот е внимателен кога се во прашање жените и парите.
„Можам многу добро да се грижам за себе. Ги презедов сите неопходни мерки. Парите се во сигурни раце“, објаснил тој, свесен дека има луѓе кои сакаат да бидат блиски со него само за пари.
„Одеднаш сите се ваши пријатели. Луѓето со кои не сум се чул со години одеднаш почнуваат да ми се јавуваат и да бараат пари од ведро небо“.
Милионерот вели дека не жали што ја објавил добивката на социјалните мрежи: „Сите треба да знаат. 90% од нив се љубоморни и мислат дека не го заслужувам тоа“.
„Но, не ми е грижа. Никогаш нема да заборавам од каде дојдов. Јас сум од работничката класа. Никогаш нема да станам арогантна личност“, рече тој.
На прашањето зошто го купил скапиот автомобил, тој одговорил: „Поради хејтерите. Поради сите љубоморни луѓе“.
Курсат сè уште игра лото, исто како што играл во изминатите 15 години, а на прашањето за неговите идни планови, тој одговорил: „Најдоброто нешто во сè е што може да направи среќни толку многу луѓе. Парите веднаш ги префрлив на моите родители и брат“.
Додека не ја пронајде жената од соништата, милионерот планира патување во Африка за да им достави подароци на сиромашните деца. Тој изјавил дека се молел на Бога да му даде шанса да направи нешто добро и дека ќе го направи токму тоа.