За 200, 300 или 400 години во иднина кога нашите поколенија во учебниците по историја ќе ги изучуваат драматичните денови од првата половина на 21 век, секако дека со особено внимание ќе се осврнат на историската седница на Парламентот, на која се бараше пратеник повеќе за да се обезбеди двотретинско мнозинство за да поминат таму некакви уставни промени.
На своите 24К теле-холограмски супер виткави приемни уреди, обезбедени со проектот на владата „24К теле-холограмски супер виткави приемни уреди за секое дете“, идните ученици на Македонија ќе имаат прилика да ја изучат историјата од „темниот“ период на својата република.
– Знаете деца – внимателно им се обраќа учителката на учениците – не треба на луѓето од историјата да им се суди со модерни аршини. Тоа биле поинакви времиња, многу позаостанати од денеска.
– Ама учителке – една очигледна бубалица мафта со флуроцентниот имплант на својот кажипрст, кој е обврзувачки со закон уште од 2138 година, со цел да се избегне дигање на два прста на час, што е оквалификувано како варварски чин – тие прамакедонци направиле страшни работи. Тие т.н. претставници на народот се воделе од личен интерес.
– Во ред – со смирувачки тон продолжува учителката – но мора да разбереш Александар Аурора Орион дека тоа било типично однесување за времето во кое народните претставници делувале. Тогаш стандардите на политичка коректност и хм…човечки интегритет биле на пониско ниво.
– Па зарем било нормално пратеници да се пуштаат од затвор за да некој таму небитен закон помине на собраниска седница и да се осмисли еден цел нов закон за амнестија за да осомничените криминалци можат да гласаат – не попушташе Александар, кој своето презиме според традицијата го доби од генетската формула Аурора Орион со која беше зачнат – исто така забележано е дека дел од пратениците поставувале некакви моронски предлози за државјанство, а има сомневање и за некои сомнителни тендери и други коруптивни дејствија.
– Точно – љубезно продолжи учителката – но имај на ум дека тој закон, за чие изгласување им било потребно двотретинско мнозинство, во тоа време се чинел како многу важен. Ти благодарам Александар, но можеби е време да вклучиме некој друг ученик во дискусијата. Како си расположена денеска за дебата Миа Војаџер Луна?
– Имам оправдание од училишниот психијатар, кој смета дека делот од двотретинската историја е премногу страшен за мојата кревка природа. Знаете добро дека моите седум родители сакаат нивната ќерка кога ќе порасне да стане концептуален уметник на метеорити. Всушност психијатарот е на мислење дека првите 50 години од историјата на независна Македонија, може да ми предизвикаат пречки во развојот.
– Се разбира Миа – внимателно и со многу такт продолжи учителката – знаеме дека овој срамен период од нашата историја можат да го проголтаат само луѓето, направени од формулата ПМ10-Алшар. Такви денеска нема многу.
– Но една работа не ми е јасна учителке – повторно се уфрли Александар, кој со своите виолетово резеда очи буквално зрачеше со љубопитност – кој гласал за овие пратеници?
– Па, гласале граѓаните, Александар.
– Гласале граѓаните – се зачуди ученикот, кој уште на пет годишна возраст ја испрати својата апликација за факултетот на политички науки, кој пред само една деценија беше отворен на Марс како дел од програмата за дисперзирани студии – а на следните избори за кого гласале граѓаните?
– Па за истите пратеници, се разбира имало мали измени на листите, ама горе-долу било приближно исто.
– Па какви биле тие граѓани?!
– Видете деца мислам дека ги исцрпевме сите теми – нервозно се запоти учителката – не сум сигурна дали од министерството донесоа права одлука, што во редовната програма го внесоа изучувањето на двотретинската историја. Мислам дека претераа. Среќа на некој паметен не му текнало да го внесе и 27 април или периодот од 11 години што му претходи на овој датум. Во тој случај ќе дадам отказ и ќе садам петунии на родниот Сатурн.
(Преземено од Фејсбук)