Русија денеска започна со производството на вакцината против вирусот Ковид-19, објави агенцијата Интерфакс, повикувајќи се на Министерството за здравство на Руската Федерација. Досега за неа пристигнале барања за околу една милијарда дози од дваесетина земји. Засега, годишниот капацитет бил 500.000 милиони дози.
Според најавите, вакцината ќе се прима на два пати: првата, па по три недели втората доза, а тоа ќе овозможувало имунитет до две години.
Русија на 11-ти август беше првата земја во светот која ја регистрираше вакцината против коронавирусот која го диби името „Спутник V“, алудирајќи на изненадувачкото за светот лансирање во половината на минатиов век на истоимениот сателит. Веднаш по објавата, политичката и научната јавност на Западот изрази сомневање во ефикасноста на руската вакцина, оценувајќи дека се користи за промоција на „политичката надмоќ“ на земјата, и оти за нејзините својствата нема независно рецензирани достапни податоци во релевантни наични списанија па дури предупредија дека може да биде и опасна.
Препаратот кој го развија научниците од инситутот „Гамалеја“ ги мина двете забрзани фази од испитувањето, како и други вакцини кои се развиваат во светот, во јуни и јули, но се наоѓаше на почетокот од третата масовна фаза од клиничките испитувања врз неколку десетици илјади волонтери, што исто така е критикувано на меѓународно ниво. Во развојот на оваа и уште една руска вакцина, инаку, се вклучени и научните капацитети и стручњаци на руската армија, а имаше информација дека во тестирањата на луѓе се ангажирани доброволци од војската.