Синоќа околу 21:30 часот на Дунав во белградската населба Гроцка се случила несреќа во која две лица загинале, а три се повредени.
Медиумите прво објавија дека глисерот со кој управувал И.Ј. изгубил контрола и удрил во шлеп. Но, по истрагата било утврдено дека пловилото немало контакт со шлеп, туку дека удрил во нешто друго, пишува „Телеграф“.
„Телата на загинатите се извлечени од Дунав и испратени на обдукција. Потоа ќе се утврди дали возачот во моментот на несреќата бил под дејство на алкохол или опијати. Ќе се разговара и со тројцата повредени кои се во болница“, изјавил за Телеграф близок извор.
Според првичните информации, маж и жена загинале на местото на настанот, а три лица се тешко повредени. Од РТС наведуваат дека повредените се пренесени во ВМА, а според Ранко Раичевиќ тие се надвор од животна опасност. Како што дознава „Телеграф“, на глисерот имало пет лица.