По вчерашната писмо на еден Македонец од Италија преку коe директно ги обвини оние што го напуштија Скопје за време на продолжениот полициски час дека се убијци, денеска му одговори еден скопјанец.
“Почитувани, го прочитав вчера целиот текст на вашиот портал каде Македонец кој живее во Италија, смело се обиде да ни испрати порака на сите скопјани, како тоа ние сме правеле ризик, сме биле опасни и сме виновни за ширење на корона вирусот. Епа, јас ќе ви испратам одговор до тој Македонец, а се надевам истото ќе го објавите и вие.
Прво, ние од Скопје сме биле опасни, сме можеле да го пренесеме вирусот во Охрид, Дојран, Струга, Маврово, Берово и така натаму, сме можеле да го пренесеме вирусот во целата држава? Господине, вирусот во државата дојде токму од „твојата“ Италија. Да седевте таму вие од Италија, место да доаѓавте во Македонија, ние ќе бевме безбедни и никогаш можеби немаше да имаме вакви проблеми со корона вирусот, ама вие сакате да заработувате во Италија, а кога дојде „тесно“, трчате назад во Македонија, па нели овде е лошо, зошто доаѓавте тука?! Не ние скопјани, вие Македонците од Италија го расширивте вирусот во Македонија!
Второ, јас и мојата сопруга живееме во стан во Скопје. Така сакала судбината, па имаме и наша куќа во Охрид. Убаво средена, ја посетуваме често и ја одржуваме, здравје и пензионерските денови ќе ги поминеме во неа, се надевам. Е сега да те прашам, кој е тој маж, која е таа сила која ќе не спречи нас да дојдеме во нашето живеалиште?! КОЈ? Ајде да видам и тоа дали ќе се случи. Јас со устав и закон можам да живеам во мојот дом, што не е јасно?!
Трето, како тоа ти од Италија прогледа и виде дека ние скопјани во Охрид не носиме маски, не одржуваме растојание и не сме внимателни? Не можам да кажам за сите, ама јас, а и многу други кои ги знам, максимално коректно ги почитуваат мерките. Да те потсетам, токму вие кога си доаѓавте од Италија во март и април не носевте маски во градовите, а потоа одеднаш порасна и бројот на заболени во државата.
Четврто. Да, карантинот ќе заврши, исто и корона вирусот. И тогаш ти ќе дојдеш ли во Охрид, да го посетиш и да оставиш пари тука, на луѓето кои од тоа живеат. Или само ќе заминеш во Грчка на одмор, затоа што вие сте „елита“, не одите на одмори во Македонија. Епа јас и налето ќе бидам во Охрид, ќе користам услуги од охриѓани и директно и индиректно ќе им помогнам на нив, затоа што знаеме дека угостителите и економијата односно туризмот ќе бидат и тоа како повредени од корона вирусот.
Петто. И како за крај. Доста е со тие мудрости на социјалните мрежи. Ако си во Италија (од било која причина), гледај си за Италија. Ние овде во Македонија ќе гледаме за Македонија. Доста е со тој раздор меѓу луѓето, доста е со тие поделби на „скопјани“ и „провинцијалци“, доста е од сезнајковци кои сакаат да соберат лајкови и да мислат дека се главни. Дозволете ни на нас Македонци, Албанци, Роми, Власи, Турци, Срби, Бошњаци, Египќани, Бугари… сите ние што ЖИВЕЕМЕ во Македонија да се грижиме за неа, нема потреба и од вас, од далеку да се грижите, фала ти!
П.С. Еве ти фотографија од МАКЕДОНСКИОТ ЕРУСАЛИМ – ОХРИД.