Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Трајан Ангелоски, во интервју за белградска Политика апелираше до властите на Србија, Македонија и Албанија во рамките на иницијативата Отворен Балкан да отворат „зелени ленти“ на граничните премини и за патничкиот сообраќај, а не само за товарниот.
-Мора значително да се забрзаат бирократските процедури, бидејќи немаме време за губење, многу го потрошивме досега. Отворен Балкан е идеја која наскоро ќе заживее, бидејќи ги поврзува компаниите од нашите земји, а особено ја подобрува соработката во туризмот. Туризмот е одлична можност да се отвори вратата за развој и понатамошна економска соработка, изјави Ангелоски.
Тој оцени дека иницијативата Отворен Балкан треба да биде поттик за малите и средни претпријатија да работат без тешкотии на соседните пазари и на тој начин да се овозможи нивен долгорочен развој.
-Стоката на царина стои два дена, а од Скопје до Белград се патува за само пет часа. Тоа е недозволиво, особено ако се знае дека во одредени случаи стока од Германија во Србија пристигнува за исто време, кажа Ангелоски.
Тој изјави дека малите и средни претпријатија сочинуваат 99 отсто од вкупниот број компании во Македонија и оти отворената соработка ќе има огромно позитивно влијание врз нивниот развој, што целосно ќе ја промени економската слика во сите три земји.
Ангелоски истакна дека настаните во Украина го промовираат нашиот регион како безбеден.
-Не е лошо да се прикажеме малку подобро во позитивно светло, да ја подобриме инфраструктурата и да станеме достапни за странците надвор од нашиот регион, подобро да не запознаат и да создадеме квалитетни услови за живот, работа и стопанска активност, изјави претседателот на Сојузот на стопански комори на Северна Македонија.
Ангелоски заклучи дека соработката во рамките на Отворен Балкан е добра подготовка за она што не очекува во ЕУ, кон што се стремат сите три земји.