Потрагата по Мартин Јовановски кој исчезна во морето кај Посиди, Грција, прекинува по 20 дена откако не вроди со успех.
Грчката организација ОФКАТ денеска соопшти дека потрагата преминува на „друго ниво“ и дека случајот нема да биде затворен.
– Денес затвораме 20 дена без Мартин!!! Напорите за негово лоцирање цело време за жал беа неуспешни иако морето, копното и небото ги прокрстаривме со она што го имавме на располагање и со сите државни органи. Мартин не припаѓа на морето, Мартин припаѓа на копното и мора да се „врати“ таму во одреден момент. Па да го оставиме морето да си ја заврши „работата“ неколку дена со надеж дека во еден момент ќе ни се оддолжи. Сочувствуваме со неговото семејство и затоа нема да дозволиме случајот да се затвори! На мајката Лидија и на неговиот брат Горан им ветивме дека ќе го најдеме Мартин. Потрагата сега продолжува на „друго“ ниво – објавија од ОФКАТ преку нивниот профил на Фејсбук.
Три момчиња на почеток на јули беа повлечени од морските струи кај Посиди, на првиот крак на Халкидики, откако претходно го прославувале роденденот на Иван.
Првото момче беше набрзо пронајдено од сурфер кој ја информираше крајбрежната стража. Иван беше пронајден по поминати над 20 часа со вода, успеал да се одржи благодарение на полуиздишана топка која ја нашол во водата. Само Мартин го нема 20 дена.