Скопјанката Инес Ефремова со објава на Фејсбук раскажа за голготата низ која поминала нејзината двегодишна ќерка поради коронавирусот.
“Пред три недели моја Лулу разви температура. Ден потоа развив и јас, веднаш се тестерива и испаднав позитивна на ковид. Се изолиравме, комунцирав со својот матичен лекар за терапија и не ни помислував дека ќерка ми ќе има последици пошто нели „на деца нишо не им е“. После третиот ден мојата температура прекина, но Лулу продолжи да качува. Направивме крвна слика, ја однесовме на преглед и матичната нè врати дома велејќи ни да почекаме до петти ден со фебрилност. Без да има подобрување, на петтиот ден истиот круг – крвна слика, преглед и матична која нè убедува дека нема простор за паника. Но, со сопругот не сме скроз аналфабети за медицина и веќе почнавме сериозно да се загрижуваме. Доаѓа седми ден како Лулу качува температури до 39.5, пак прегледи, крвни слики и пак убедувањеда почекаме.
Тогаш решивме дека веќе нема да чекаме одговори од матичната докторка и се упативме во Институтот за белодробни заболувања Козле. Таму ѝ направија рентген на бели дробови на Лулу и нѐ вратија дома, велејќи дека ќерка ни е добра. Доаѓа деветти ден, Лулу на интервали од четири часа (односно штом помине дејството на антипиретикот) постојано качува температури од над 39 степени. Трети пат одиме во Козле, втор доктор го гледа рентгенот на Лулу, вели дека плуќата и’ е во ред, ни препишува антибиотик и пак нѐ праќа дома. Вечерта повторно Лулу гори. Тука со сопругот решаваме дека или ќе ја хоспитализираат Лулу во Козле, или ќе молиме во некоја од приватните болници за прием, ама веќе дома не седиме. После долго инсистирање, конечно нѐ примија. Утредента ѝ направија испитувања и испадна дека не само што белите дробови не ѝ се во ред, односно има пневмонија, туку дека има и цитокинска бура. Следеше интравенозна терапија со корикостероид и антибиотик и десет дена лежење во болница. Тука ќе прекинам со раскажување од остатокот на хоророт, затоа што не ми е поентата да повторам колку ни се некомпетентни докторите и колку ни е во распад здраството. Важно е дека сега сме дома и Лулу е добра.
Го кажувам ова за, доколку сте родител, не спиете на увото „дете е, ко на куче ќе му помине короната“. Исто, за секоја температура која трае повеќе од три дена, да не прифаќате ништо помалку од терапија и дополнителни испитувања ако температурата трае пет дена. Воедно, со оглед на тоа дека последиците од корона се појавуваат многу често од седмиот до тринаесетиот ден, да бидете будни и внимателно да следите ситуација дури и ако има подобрување во првичните симптоми.
Не чекајте „другите“ или власта или кој било друг да ве заштити. Нема, треба сами да се штитите и да бидете одговорни за себе и своите блиски. Образувајте се за своето здравје, имате многу медицински релевантни информации достапни на нет и имајте предвид дека докторите прават (многу) грешки, а короната е болест за која уште малку се знае. Конечно, не верувајте дека омикрон е лабав и ковидот пројде. Козле е полно со деца со последици од ковид, Толку полно што немаат слободни кревети. А, имаат дечиња на кислородна поддршка, до толку е лошо.
А, за да не биде ова безлична приказна, еве го лицето на Лулу додека преку болнички прозор го гледаше тато со канила во рака”, пишува Инес Ефремова.