Пред нас е сезоната на грип, а бројот на нови случаи на ковид-19 е во пораст низ целиот свет. Оваа и зима, истовремено ќе се соочуваме со повеќе заразни болести на респираторниот систем.
Но, сè уште има многу дезинформации кога станува збор и за грип и за епидемијата на коронавирус.
„Huff post“ наведува пет големи митови и заблуди што треба да се заборават.
1. Грипот нема да биде проблем затоа што носиме маски
„Лекарите се надеваат, но не се обложуваат на тоа, на поблага сезона на грип оваа година, бидејќи луѓето физички се дистанцираат, носат маски и одржуваат подобра хигиена“, рече др. Тимоти Лаирд, привремен главен медицински директор на „Health First Medical Group“.
Понекогаш можете да ги следите сите горенаведени препораки и сепак да се заразите со вирусот. Луѓето можат да заболат од грип со допирање на површини или предмети кои се заразени со вируси на грип.
„Сè што правиме го намалува ризикот, но ризикот не е на нула“, рече др. Арон Милстоун, епидемиолог и професор по педијатрија на „Џонс Хопкинс“.
Експертите предупредуваат дека затоа треба редовно да ја носат маската затоа што таа маска досега се покажа како најефикасно средство за помагање во намалувањето на ширењето на вирусот.
2. Вакцината против грип може да ве направи болни, слаби или ранливи на Ковид-19
Упорното тврдење дека вакцината против грип може да ви предизвика грип не е точно, велат експертите. Сепак, може да развиете реакција слична на грип, вклучително и болки во мускулите и треска, бидејќи вашето тело произведува антитела.
„Можеби чувствувате болка во раката или имате треска, но тоа не е болест, туку несакан ефект што го доживуваат мал број луѓе со скоро каква било вакцинација“, забележа Лаирд.
Така, вакцината нема да предизвика болест и ова е клучна заблуда што треба да се разјасни на сите кои не сакаат да се вакцинираат поради загриженост дека вакцинацијата ќе го ослаби нивниот имунолошки систем среде пандемија и ќе ги направи поранливи на Ковид-19.
Од друга страна, можно е да се има и грип и коронавирус во исто време, што може да биде „катастрофално“ за имунитетот, предупредуваат некои експерти. Затоа, особено е важно да се вакцинирате против грип оваа сезона.
3. Вакцината против грип може да се смеша со вакцината против Ковид-19
Ако вакцината против Ковид-19 стане достапна во текот на сезоната на грип, откако веќе сте примиле вакцина против грип, „не треба да има проблеми со пост-вакцинацијата оваа зима“, рече Милстоун.
„Ние даваме вакцини во комбинација цело време. Единствениот пат кога понекогаш се грижиме за одвојување на вакцините е кога даваме жива вирусна вакцина“, објасни тој.
Не сите вакцини против грип кои се моментално достапни, се живи вакцини, рече Милстоун, така што тоа не треба да претставува загриженост.
4. Ковид-19 и грипот се всушност идентични
Апсолутно не е точно. Ефектот врз телото не е ист кај обете болести ниту инфективноста е иста.
„Од епидемиолошка страна, постои разлика“, рече Милстоун.
Овие две болести не се исти кога станува збор за стапката на смртност. Покрај тоа, грипот го достигнува својот врв најчесто во текот на зимата, случаите на Ковид беа тука и во текот на летото.
5. Ако се разболам, подеднакво ќе се борам против грип и коронавирус
Симптомите на грип и Ковид-19 се прилично слични, а најчести симптоми кај обете болести се треска, замор и кашлица, и двете болести го напаѓаат респираторниот систем. Затоа, лицето кое се разболува од грип може да се однесува слично на лице кое се заразува со коронавирус.
„Постојат неколку заеднички принципи што треба да ги имате предвид. Прво, вие сте заразни. Заштитете ги другите и носете маска околу другите. Секој треба да води посебна грижа за хигиената на рацете, а болното лице треба да биде изолирано што е можно повеќе. Второ, хидрирајте и одморете се“, вели Лаирд.
Но, како ќе продолжите зависи од точно со кој вирус сте се заразиле. Истражувачите сè уште се обидуваат да откријат колку многу заразено лице може понатаму да шири Kовид-19, но веруваат дека периодот на зараза е подолг отколку со грипот.
Милстоун наведува дека затоа е особено важно да се тестира оваа сезона за да можете безбедно да се вратите на работа, училиште, меѓу пријателите и слично.