Според американски и белгиски научници, ламата наречена Винтер би можела да биде клучот за пронаоѓањето на лекот за Ковид-19.
Истражувачи од Универзитетот во Остин, Тексас и Националниот институт за здравство и универзитетот Гент во Белгија, соопштиле дека со помош на лама создале антитела за кои се тврди дека ги штитат човечките клетки од коронавирусот, пишува „Скај Њуз“.
Пред четири години, тимот започнал да истражува антитела кои можат да се спротивстават на вирусите САРС или МЕРС, кои се поврзани со новиот коронавирус. Тогаш на ламата, наречена Винтер, кој има четири години и живее на фарма во белгиско село, ѝ биле инјектирани сигурни верзии на САРС и Мерс.
Научниците тогаш изолирале антитела од нејзината крв, кои се создаваат како одговор на антигенот и можат да помогнат во спречувањето на идните инфекции.
Ова е искористено за да се создаде ново антитело за кое научниците велат дека може да спречи коронавирусот што го предизвикува Ковид-19 да ги инфицира клетките.
„Ова е едно од првите антитела за кои се знае дека го неутрализира САРС-КоВ-2“, изјави Џејсон МекЛелан, вонреден професор по молекуларна биологија на Универзитетот „Остин“ и еден од авторите на студијата.