Италијанскиот јавен сервис РАИ е на тапет на јавноста во земјата откако пред неколку дена на втората програма на државната телевизија бил емитуван прилог во кој се даваат совети како жените да изгледаат секси додека пазарат во продавница.
Социјалните мрежи во Италија се „вжештија“ од бројните критики на граѓаните кои сметаат дека емисијата на крајно непристоен начин ги објективизира жените.
„Дали е ова упатство за порно филм?“, гласи само еден од коментарите.
Емисијата била набрзо тргната од програмата и е привремено суспендирана. Одлуката ја донел генералниот директор Фабрицио Салини кој се извинил за своевидното упатство за секси пазарење и најавил истрага за да се утврди чија е одговорноста.
Неколку часа по укинување на емисијата, водителката на емисијата Бјанка Гуачеро се извини по пат на Инстаграм.