Поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ, сега во бегство, Никола Груевски, пишува на Фејсбук:,,Биле опседнати со мене? Има и зошто…“, и додава:
,,Со луѓето се сменија времињата и вредностите.
Се планираше и создаваше трајна вредност како во овој текст подолу чии линк го споделувам со вас.
Никогаш никој не бил совршен или безгрешен, ама ни вакви ,,дрва,, како овие.
Некогаш вест од политичарите беше кога некој проблем кој тиштеше многу народ ќе се решеше, реформа ќе се најавеше или спроведеше, инвеститор ќе отвореше фабрика, проект ќе се изградеше или ќе започнеше да се гради, апарати за болните ќе се набавеа, пензии или плати ќе се покачеа, илјадници ветени проекти ќе се исполнуваа, па кога доцнеа критика и така…
Денес не доцнат, туку ги нема. Не постојат. Денес вестите од политичарите се празна реторика, само навреди, клевети, лаги и бескрајни реторички надмудрувања кои се помалку луѓето сакаат да ги слушаат и гледаат, фалења со апсења и прогон на политичките противници. Денес секој ден една иста вест цели 15 дена е ветување дека масовно ќе се менувале функционерите кои сами си ги донесоа и одбраа а само за да се спасат себе и да купат уште малку време за уште некоја ,,реколта,, на рекет и мито. Продавање лажна надеж и лажни илузии на народот кој чека спас од нив, гордеење до небо со национални предавства, фалење дека другите однадвор ептен ги фалат нив дека предавствата многу ги бендисале иако во нивните земји ни на крај памет не би им паднало такви работи да направат.Возења тротинет или задоволување лични фрустрации со возење скапи мотори, лечење комплекси по балови, гафови како мали деца скоро секој ден и бескрајно убедување дека народот е спасен од ,,режимот и заробената држава,, која нели не смееме да дозволиме да се врати. Убедување со дланката ставена на срце, дека само што не дошле рајските денови. Еве ги, кај и да е, само што не сме во рајот, тука сме некаде…Не умри магаре, до зелена трева, кажал нашиот народ…
Се вратија времињата од деведесеттите кога наместо редовни набавки на медицинска опрема и апарати како што имаше до пред две години, еднаш годишно се радуваме на јапонска или незнам чија донација од 20 илјади евра како да сме земја во централна Африка“-пишува Груевски.
“Да, имаат дебела причина да се опседнати со мене и да ме осудат не две, туку 200 години затвор. Ама тоа нема да им ги излечи комплексите, тие само ќе растат, нема да ја промени тажната реалност на масовно иселување, ни нивната неспособност а најмалку огромната разочараност на народот од оваа банда натрапнци”
Поздрав од нивниот кошмар