Екс премиерот Никола Груевски кој доби азил во Унгарија, демантира дека бил претепан на улица во Будимпешта.
Тој на Фејсбук пишува дека неговите пријатели вознемирени го контактирале.
“Продолжуваат лагите, конструкциите и манипулациите кои упорно се трудат да ми ги натоварат. Пред малку ми јавија дека некој портал објавил лажна вест дека сум бил физички нападнат во Будимпешта и ред други невистини поврзани со тоа.
Веста е лага, но вознемири многу мои пријатели кои почнаа да ми се јавуваат за да ја дознаат состојбата, па затоа се решив на ваков начин да демантирам.
Инаку потесниот круг на мои пријатели знаат за каков обид за спин се работи.
Имено во изминатиот период при обавување на спортски активности се стекнав со спортска повреда по која која ми беше укажана лекарска интервенција и сега сум во фаза на рехабилитација, која одлично се одвива.
Впрочем вакви информации лесно се проверуваат во полиција во секоја земја па и во Унгарија. Ако навистина намерата била да се дознае вистинита за тоа дали имало физички напад со повреди многу лесно можело да се направи проверка.
На ваквите изгубени ликови во новинарството и одработувачи на туѓи агенди им порачувам дека со лаги, манипулации, спинови и неинтелигентни интриги нема ништо да направат во животот и во работата.
На сите мои пријатели кои веднаш почнаа да ми се јавуваат со доза на загриженост им благодарам за грижата“, напиша Груевски.