Груби откри дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски е веќе согласен за во последните 100 дена на Владата на чело да застане премиер Албанец.
„Договорот меѓу ДУИ и СДСМ е да има премиер Албанец 100 дена пред избори. Тоа е разговарано со Заев и Ахмети. Интересно е дека и Заев предвидел дека последните 100 денови на Владата ќе ги води премиер Албанец. За тоа е согласен и Димитар Ковачевски верувам. Е сега, да кажам дека и ВМРО-ДПМНЕ се согласни да има премиер Албанец. Тоа е разговарано меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Се мисли на последните 100 дена на оваа Влада. Лично за ова разговарале Ахмети и Мицкоски“, порача Груби.
Груби посочи и дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети, има план Б за отпочнувањето на преговорите со Европската Унија.
„Господин Ахмети има започнато иницијатива, што е доставена и во Бугарија, но и во другите земји на ЕУ, како пратеник, дел на мнозинството. Се работи за иницијатива, идеја на еден член на мнозинството, ова сме го разговарале и со премиерот, и со други членови на Владата но и со меѓународни пријатели, со цел да се постигне слична „формула“ како со нашето членство во НАТО“, посочи Груби.
Тој истакна дека се работи за ист случај како во 2008 година во Букурешт каде беше посочено дека во моментот кога ќе се реши прашањето со името, Македонија ќе стане дел од НАТО, како и што се случи.
„Истото, како план Б, сакаме да го реализираме и со Република Бугарија. Сите земји членки во Советот за општи работи на ЕУ, да одлучат дека првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија ќе биде на ист датум, со услов да се реши билатералниот спор меѓу Скопје и Софија. Ако се реши спорот, автоматски ќе имаме прва меѓувладина средба со ЕУ“, додаде Груби.