Поранешниот вицепремиер Артан Груби реагираше по информациите за негово ставање на „црната листа“ на САД, соопштувајќи дека дознал за одлуката од медиумите.
Во објава на социјалните мрежи, тој истакна дека ова прашање ќе го разгледа со целосна посветеност и во соработка со партнерите на Северна Македонија.
„Како човек кој мојот јавен живот го посветив на одбраната на западните демократски вредности и кој секогаш посветено работев за членството на земјата во НАТО и во Европската Унија, оваа одлука ме засега директно и лично“, напиша Груби на својот Фејсбук профил.
Груби додаде дека останува фокусиран на транспарентноста и на демократските вредности.
„Ќе се обврзам со сета посветеност и максимално, заедно со сите наши пријатели и партнери, со кои ја споделувавме визијата и работевме со години за интеграција на земјата во евроатлантските структури, целосно да го разјасниме ова прашање“, нагласи тој.