Длабоко потресен од трагичната сообраќајна несреќа, во која најмалку 14 луѓе го загубија животот и во која двојно повеќе се потешко или полесно повредени, сосема човечки и сосема разбирливо ѝ се приклучив на масовната тага.
Но, набргу му побегнав од стадото, кога тагата ми прерасна во силна нервоза, а потоа и во бес. Бесот е мој, интимен, оргинален, бидејќи се фатив себе си како ги пребројувам жртвите од несреќата по националност. Еден, два, пет, шест се Македоници, а другите се Албанци или нешто друго. Со еден збор – одвратно.
Е сега е битно да кажам дека не сум националист и дека пребројувањето на крвните зрнца не ми е хоби. Не ги делам жртвите на наши и нивни.
Пребројувањето беше мотивирано од постот објавен на Фејсбук од една наша универзитетска професорка, која во минатото ја објави својата претседателска кандидатура, а потоа политиката ја замени со правење ајвар. Очигледно ни ајварот не доволен за да се успее во амбицијата, па таа премина во состојба на организирано лудило објавувајќи го следниот пост: „Каква трагедија и иронија – Карпалак“.
Нормално дека луѓето што беа шокирани од автобуската несреќа, а такви за среќа се поголемиот дел од жителите во Македонија, се нафрлија врз професорката критикувајќи го нејзиниот став, бидејќи во траорниот момент потсетува на еден друг траорен момент, на оној од конфликтот од 2001 година, кога во непосредна близина на последната несреќа загинаа 10 припадници на вооружените сили на Македонија. На бројни корисници на Фејсбук што имаат контакт со нејзиниот профил, им пречеше презумпцијата во нејзиниот пост дека во несреќниот автобус се превезувале етнички албанци и дека сообраќајната несреќа според професорката е всушност кармичка правда за македонските војници, кои настрадаа во заседата изведена од припадниците на ОНА која знаеме беше составена од етнички Албанци.
Но, како и секој националист и професорката за кратко ја загуби храброста. Па прво почна да се правда дека таа не била разбрана, па дека никој па ни таа не можела да знае каков е етничкиот состав на патниците, па почна да се брани и да бара помош бидејќи добивала закани по животот. Гордата ајварџика и несудената прва жена претседател на Македонија на крајот го избриша постот, каде зборовите трагедија, иронија и Карпалак беа измешани во една иста реченица.
Нормално дека професорката не беше единствената што на социјалните мрежи изнесуваше гадости. Бројката на онака слободно кажано кретените е значително голема.
Е токму поради тоа почнав да ги бројам жртвите и да ги делам на Македонци и Албанци, во желбата да ја докажам глупоста на националистите и нивното ликување. На крајот се засрамив од мојата постапка и си ветив дека никогаш повеќе во животот нема да си дозволам да бидам измамен од овој полусвет и да бидам вовлечен во нивната игра на пребројување на жртви и слични будалаштини.
Можеби некој ќе праша зошто не ѝ го напишам името и презимето на професорката, кога и онака сите добро го знаат нејзиниот идентитет. Мојот одговор е бидејќи е лоша. Па како и во филмот „Грдиот, добриот и лошиот“, јас знам како изгледа лошиот, ама неговото име не ми е важно. Битно дека е лош, односно лоша.
(Преземено од Фејсбук)