Градоначалникот на Пула, Филип Зоричиќ, го забрани концертот на кој на 25 март во „Домот на спортот“ во Пула требаше да настапат српските пејачи, како Ана Бекута и Драган Којиќ Кеба, со образложение дека „сака да го зачува идентитетот на граѓанската, европската и медитеранската Пула“.
Покрај Бекута и Којиќ, на концертот требаше да бидат и Душко Кулиш и Зорана Миќановиќ.
– Јас го забранив концертот од позиција на градоначалник. Што има нејасно тука? Со таквата музика го уриваме имиџот на Пула, која треба да остане град во кој ќе се слуша медитеранска музика, како и секоја друга што нема допирни точки со турбофолкот. Со гордост можам да кажам дека во Пула ова лето свои концерти ќе имаат Роби Вилијамс и Ерос Рамацоти, но не дозволувам да пеат Кеба и Ана Бекута. Немам ништо лично против нив, но имам против ваквата музика, која тие би ја промовирале во Пула. И уште и да заработат на таквата музика. Не може тоа така. За утеха, концертот е префрлен во Осиек, па нека видат таму што ќе прават, јас направив – категорично вели Зоричиќ, за кого велат дека е родум од Сплит.
Претходно, организаторите на концертот објавија дека градоначалникот им пцуел српска мајка и пијан рекол дека не го сака нивното српско ѓубре во нивниот град.
Инаку, концертот го организираше организацијата „Хилјадарка“, која веќе се договорила со градското претпријатие „Пула спорт“ да ја даде салата под закуп за 25 март, но кога градоначалникот Зоричиќ дознал за тоа – се било откажано, пренесува „Глас Истре“.
– Иако целиот тим на „Хилјадарка“ беше со голем ентузијазам за овој концерт, не можевме да ја смениме одлуката на градоначалникот на Пула, г-дин Филип Зоричиќ, кој одлучи да нема турбо фолк музика на јавните простори – велат од организацијата.
Со посебно жалење од организаторите за откажувањето, соопштено е дека концертот е преместен во Осиек.
– Одзивот на концертот беше феноменален, а за првпат гледаме дека толку голем број луѓе се заинтересирани. До концертот имаше повеќе од еден месец, а 85 отсто од билетите веќе беа продадени. Очигледно е дека луѓето од Пула и околината биле многу заинтересирани за овој концерт – најавија организаторите и додадоа дека концертот ќе биде преместен во Осиек.
Наведоа и дека сите што купиле билети, од кои речиси 3.000 се продадени, можат да добијат враќање на парите или да ги искористат на концертот во Осиек.