Градоначалникот на Крушево Томе Христоски ќе тужи сограѓанка за навреда и клевета ако до утринава не добие јавно извинување.
“Во текот на вчерашниот ден поднесов барање за извинување и повлекување на јавна објава до лицето Билјана Проеска за бројните навреди искажани кон мене. Проеска има 48 часа јавно да се извини и да ја повлече објавата на „Фејсбук“, во спротивно ќе добие тужба за навреда и нарушување на углед.
Вие, граѓаните, најдобро знаете дека постојано водиме дебати, добивам критики и разговарам со граѓаните за се што ги засега, како на социјалните мрежи, така во мојот кабинет, во градот, во населените места, на улица, секаде. Таа дебата, како што следите и сами, е секогаш базирана на аргументи, против аргументи, слободно искажување ставови и друго, но никогаш навреди.
Нападот од навреди од Билјана Проеска трае долго време како на „Фејсбук“, така и на „Инстаграм“, а издржана критика или аргумент против моето раководење со општината досега не сум чул ниту прочитал. Од овие причини, не сакам да дозволам желбата за внимание кај оваа личност да се демонстрира преку лични навреди. Тие навреди ги следат мојата сопруга, моите две деца, моите пријатели, поддржувачи, а од спротива освен аргументи јас никогаш не сум кажал ништо поразлично.
Истовремено, за сите мои сограѓани стојам отворен за конструктивна дебата во секое време, дебати преку кои ќе ги „судриме“ аргументите, нашите ставови и проблемите на општината.
Навреди повеќе нема да дозволам, особено кога доаѓаат од мотивот за внимание„, пишува Христоски на Фејсбук.
Христоски во својата објава не кажува поради кои зборови ќе ја тужи сограѓанката, но на твитер се објавува дека крушевачанката наводно го нарекла дебел.