Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов поднесе неотповиклива оставка на функцијата по стравичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 59 лица, а 155 се повредени. За одлуката информира преку Фејсбук и доаѓа по повеќе од еден ден од трагедијата.
„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично, сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна. Не постојат зборови што можат да ја опишат болката што ја чувствуваме сите. Тие деца беа наши деца. Ги познавав повеќето од нив, ги познавав и нивните семејства, а со дел од нив и семејни пријатели. Шокот и скршеноста што ги чувствувам ќе траат целиот мој живот. Оваа трагедија ги остави Кочани и Македонија во црнина, а празнината што остана е непреболна“, напиша меѓудругото Папазов на Фејсбук.