Двајца разбојници на возраст од 47 и 50 години, вооружени со два пиштола, влегле во филијалата на банката „Кредито коперативо“ во областа Сан Басилио во предградието на Рим. Она што на почетокот изгледаше како заложничка ситуација, за среќа, заврши бргу, со одличната реакција на еден од вработените во банката, пренесуваат медиумите.
Како што јави агенцијата „Нова“, разбојниците чекале да пристигнат вработените и да се отвори банката.
Со закана со оружје, тие упаднале во банката и киднапирале и затвориле седум лица, од кои четворица вработени и тројца клиенти и ги сместиле во една соба, но успеале да добијат само 2.000 евра, со кои се обиделе да избегаат.
Имено, грабежот пропаднал благодарение на алармот што го вклучил вработен во банката, како и брзата интервенција на полицијата.
Полицијата уапсила еден од разбојниците надвор, а другиот бил фатен во банката.
Два пиштола биле пронајдени во банката бидејќи криминалците, кога ја здогледале полицијата, се обиделе да се ослободат од нив.
Двајцата мажи од Рим се во притвор.