Тричленото семејство Димоски од селото Сенокос, Долнени во пожар загуби сѐ. Им изгоре куќата и целата покуќнина, а семејството остана на улица.
Пожарот избувнал во вторникот вечерва на таванот од куќата.
– Се качив со скала и кога погледнав преку отворот на таванот – забележав пламен. Потоа сѐ се одвиваше брзо. Веднаш излеговме во дворот, свикаме по соседите и се јавивме во пожарна. Зедов и црево да гаснам. Кога дојдоа пожарникарите, целиот покрив беше во пламен. Не знам како се запалило на таванот. Блиску се оџакот со каблите од струјата, изјави 52-годишниот Борис Димоски.
Тој упати апел за помош до институциите и до сите оние кои сакаат да помогнат. Достапен е и неговиот телефонски број 076/615-173.
– Тројца членови сме. Живеам со сопругата, мајка ми има 84 години, стара е и изнемоштена. Живееме со нејзината социјална пензија од 6.000 денари, садиме тутун, нешто жито, ама пожарот се ни однесе. Немаме никаква покуќнина, ниту алишта. Сопругата и мајката ги пратив кај сестра ми. Пред пет години се зедовме со сопругата, сега конечно, по три обиди, го чекаме првото дете. Ама немаме покрив над главата, вели Димоски.
Се обратиле во локалната самоуправа во Долнени од каде им кажале дека прво треба да донесат потврда од Пожарна и од увидот, а потоа да поднесат барање до месната заедница за да може преку Советот на општината да помогнат.
Неговиот роднина Тони Димоски, кој помогнал при гаснењето на пожарот, вели дека многу време чекале да дојдат екипите на ЕВН за да ја исклучат струјата.
– Околу 22 часот во вторникот ми се јави снаата дека гори куќата. Кога дојдов, покривот веќе беше во пламен. Зедовме да гаснеме за да не ја зафати и куќата од соседот. Дојдоа од Противпожарната единица, ама мораше да се чека екипа од ЕВН за прво да се исклучи струјата. Тоа е најголемиот проблем што долго се чека на тоа. Ништо не можеше да се спаси, вели Димоски.