81-годишниот Роџер Рис Кибе, еден од најозлогласените сериски убијци во Калифорнија почина во затворската болница недолго откако бил пронајден со бројни повреди во својата ќелија.
Кибе бил пронајден без свест во ноќта помеѓу саботата и неделата, а покрај него мирно стоел неговиот цимер Џејсон Бурдоу, осуден убиец препознатлив по својата тетоважа „666“ на челото.
Најверојатно токму Бурдоу го претепал Кибе кој бил прогласен за мртов околу 1:30 часот, набрзо откако бил пренесен во болницата. Полицијата соопшти дека целиот случај се води како убиство и моментално е во тек истрага. Не е соопштено како точно починал Кибе, ниту пак дали било користено некое оружје.
40-годишниот Бурдоу отслужувал доживотна казна затвор од 2011-та година поради убиство, а после убиството на Кибе бил префрлен во самица. Против него се уште не е поднесено обвинение.
Убиениот Кибе бил осуден на повеќе казни доживотен затвор поради силувања и брутално убиство на најмалку седум жени. Тој се товари дека во текот на 30 години ги измачувал, силувал и убивал своите жртви, а најпрвин бил осуден на доживотна казна затвор во 1991-ва година поради убиството на 17-годишната Дерси Фракенпо.
Девојката која побегнала од својот дом во Сиетл, исчезнала во западен Сакраменто, а нејзиното голо, безживотно тело било пронајдено во 1987-ма година недалеку од езерото Тахо. ДНК од шест други убиени жени го поврзале Кибе со убиствата, а се верува дека жените биле убиени во периодот од 1977-ма до 1987-ма година.
Обвинителите на судењето тврделе дека Кибе, кој често скокал со падобран, ги користел сајлите да ги врзе своите жртви. Тој секогаш задржувал парче ткаенина од своите жртви, како и прамен од нивната коса.