Експертите кои го водат овој проект се надеваат дека преку овие тестови на крвта ќе можат да го детектираат присуството на вирусот уште 24 часа по инфекцијата, односно долго пред да се појават првите симптоми и неколку дена пред да можат да заразат други. Овој вид на тестирање ќе го открие присуството на вирусот четири дена порано отколку што можат познатите тестови.
Тестот потекнува од проект формиран од Агенцијата за напредни истражувачки проекти во одбраната (ДАРПА) и се очекува да биде доставен до Управата за храна и лекови на САД (ФДА) за преглед и одобрување во рок од една недела.
Неврологот Стјуарт Селфон, раководител на истражувачкиот тим во болницата „Маунт Синај“ во Њујорк, рече дека овој пристап за тестирање, кој го следи одговорот на телото на Ковид-19, треба да донесе побрзи резултати од тековните тестови со брисеви.
„Бидејќи имунолошкиот одговор на инфекција се развива веднаш по заразувањето, тестирањето како ова треба да може рано да ја дијагностицира инфекцијата“, изјави Селфон за „Гардијан“.
Доколку биде одобрено, тестирањето би можело да започне во Соединетите Држави уште во втората половина на мај, со што успешно ќе се изолираат раните заразени случаи и ефикасно ќе се рушат понатамошните ланци на инфекцијата.
Тестот ја користи истата механичка опрема (PCR) што се користи за анализа преку носот, така што многу земји веќе ја имаат потребната инфраструктура за изведување на тестовите. Но, за разлика од претходните тестови, новиот тест бара пренесувач РНК (mRNA) во крвта на субјектите.
“MRNA е дел од имунолошкиот одговор на вирусната инфекција. Нивото на изразување на mRNA е навистина различно во случај на инфекција со коронавирус”, објасни Селфон.
Според досегашната анализа, точноста на новиот тест е над 95%. Имено, иако примероците од крв е потешко да се соберат отколку назалните брисеви, тие даваат поверодостојни резултати. Тестирањето со брисеви може да биде многу незгодно, затоа што се тестира длабоко во носот.
„Тестирањето со брисеви може да даде многу лажни негативни резултати заради лошото земање примероци“, рече доктор Лоренс Јанг од универзитетот Ворвик.