Лекот „ремдесивир“ од компанијата „Gilead Sciences“ нема значително влијание врз шансите на пациентите со КОВИД-19 да преживеат, се резултатите од клиничките испитувања на Светската здравствена организација (СЗО).
Лекот кој беше употребен меѓу првите против КОВИД-19 беше еден од лековите што се користеа за лекување на американскиот претседател Доналд Трамп.
Британскиот дневен весник „Фајненшл тајмс“ пишува за резултатите од студијата на СЗО под наслов „Солидарност“, при што беа оценети четири можни лекови, вклучувајќи „ремдесивир“, „хидроксихлорокин“, комбинација на анти-ХИВ лекови „лопинавир“ и „ритонавир“ и „интерферон“ на 11.266 болнички пациенти.
Испитувањата на „хидроксихлорокин“ и „лопинавир“ и „ритонавир“ беа суспендирани во јуни, бидејќи се покажаа како неефикасни, но другите испитувања продолжија во повеќе од 500 болници и 30 земји.
Според изданието, кое наведува дека има копија од истражувањето, резултатите покажале дека ниту еден лек „значително не влијаел на смртноста“ или ја намалува потребата за поврзување на пациентот со респиратор.
СЗО не го коментираше пишувањето на „Фајненшл тајмс“ во кое се наведува дека резултатите од испитувањето сè уште не се објавени во јавноста.