Дубровник оваа година бележи рекордно мал број туристи поради пандемијата на коронавирусот. Според системот за пријавување и одјавување гости eVisitor, на 5 јули годинава во Дубровник престојувале 2.145 гости, што е само 13 проценти од бројот на гости кои престојувале во градот истиот ден минатата година, кога се реализирале 24.824 ноќевања.
Туристичката заедница во Дубровник наведува дека во хотелското сместување во градот моментно има најголем број гости од Германија, Хрватска и Босна и Херцеговина, а во приватното сместување најбројни се Германците, Французите и Полјаците.
На подобра ситуација на почетокот на сезоната се надевале и угостителите во Дубровник, пренесува порталот „Индекс“.
Претседателот на здружението на угостители во градот и сопственик на таверната „Ото“, Анте Влашиќ, вели дека тековните приходи што ги остваруваат нема да бидат доволни за покривање на основните трошоци.
„Повеќето од моите колеги имаат промет и приход до 10 проценти во однос на лани. Тоа приближно се совпаѓа и со бројот на гости кои доаѓаат во Дубровник… Можеби тој процент е дури и малку понизок, затоа што ги изгубивме посетителите кои доаѓаат на еден ден, на пример од БиХ и Црна Гора, како и гостите од крстарењета“, вели Влашиќ во изјава за локалните медиуми.
Според него, никој не бил подготвен за новата ситуација, особено затоа што минатата сезона имало своевиден рекорд, а за оваа дури било најавено и намалување на ДДВ, што би претставувало дополнително олеснување за угостителите.
Во однос на рестораните, нешто подобро стојат кафеаните што работат во текот на целата година и кои ги посетува и локалното население.
Oд здружението на туристички агенции во Дубровник тврдат дека речиси сите локали и престојувалишта ги спуштиле цените, некои дури и до 60 проценти, додека други решиле годинава да не ги изнајмуваат своите станбени единици за туристички цели.