Вработените во кафулето Mason Jar во Бентон Харбор, Мичиген биле шокирани кога на една сметка пронашле бакшиш од 10.000 долари, но биле уште по шокирани кога дознале што се крие зад неа, пишува The Hill.
“Понекогаш добиваме бакшиш од 100 долари. Но никогаш толку“, рече менаџерот на ресторанот Тим Свини. Дарежливиот покровител, идентификуван само како Марк, на персоналот му оставил бакшиш од 10.000 долари на сметката од 32,43 долари.
Свини објасни дека останал во целосен шок кога ја видел сметката и веднаш отишол кај дарежливиот гостин да му се заблагодари, а потоа гостинот ја открил тажната причина зад неговиот потег.
“Тоа било во спомен на еден пријател кој починал неодамна и тој бил во градот на неговиот погреб. Тоа беше навистина чин на љубезност што трогна толку многу луѓе”, објасни келнерката Пејџ Мулик. Ресторанот одлучил како да го подели бакшишот на девет колеги и секој однел дома нешто повеќе од 1.100 долари.
„Работиме напорно. Знаеме дека некои денови ќе заработиме повеќе, а некои помалку. Ова навистина им помогна на сите“, објаснила келнерката.