Зоран Михајлов
Во почетокот од 80-тите години од минатиот век, кога Вардар предводен од легендарниот Стјепан Бобек амбициозно тргна да создава квалитетен тим, меѓу неколкуте талентирани фудбалери што беа селектирани од него беше и Гордан Здравков. Острото око на големиот фудбалски маг не можеше да промаши и оној што ќе беше „пикиран“ од Бобек сигурно во себе криеше големи фудбалски потенцијали. Таков беше случајот и со Здравков, кој се издигна до најголемите височини и дојде до тоа ниво што прерасна во вистинска фудбалска звезда
Гордан Здравков од раното детство почна да ја „шутка“ топката низ улиците на Свети Николе, за потоа-кога наполни 14 години да облече вистински копачки и да заигра за младинската екипа на Овче Поле.
-Кога почнав да играм во 1973 година немаше пионерски и кадетски екипи, вели Здравков, па така веднаш бев вклучен во младинскиот погон на Овче Поле. Тренерите почувствуваа дека кај мене има квалитет кој ме издигнуваше над моите врсници, па така станав најмладиот играч во младинската екипа.
Понудата од Наџаков ме изненади
Здравков брзо напредуваше. За него во фудбалските кулоари се зборуваше како за еден несекојдсневен талент. Од млади години се назираше дека во ова момче се крие голем талент и дека ги има сите предиспозиции да се развие во врвен фудбалер.
-Не мина долго време, продолжува Здравков, а веќе ми беше отворена и вратата на сениорската екипа на Овче Поле. Така, на 16-годишна возраст станав најмладиот првотимец на светиниколчани! Бев горд што настапував за првиот тим, во славната генерација заедно со Мазната, Коцев, Миланов и другите фудбалери, кои дотогаш за мене беа недостижни фудбалски звезди. Но,ете судбината сакаше и јас да заиграм покрај нив. Тие пак, бидејќи бев најмлад, секогаш ме бодреа и како да ми даваа дополнителна енергија. Ваквиот однос на постарите клупски другари, на почетокот беше многу значаен, зашто така-со нивна поддршка успевав да ја совладам тремата и моите фудбалски квалитети да дојдат до полн израз.
За Здравков значаен момент во младоста беше, кога по еден натпреевар со Слога во Виница, добил покана од прославениот штипски фудбалер и тренер Мирко Наџаков -да дојде во Штип и да игра за Брегалница!
-По натпреварот во Виница ми пријде еден човек и ме праша дали сакам да играм за Брегалница. Бев изненаден од поканата, а да бидам искрен и не знаев кој е човекот од кого што стигна примамливата понуда. Дури подоцна дознав дека тоа бил токму Мирко Наџаков, вели Здравков.
15 минути како увертира!
Така, по две-три сезони минати во Овче Поле со кое стигна од третата до Македонската лига, во 1977 година Здравков се сели во Штип.
-За нас младите фудбалери од источниот дел на Македонија-Брегалница беше најголемиот предизвик, па затоа многу не размислував и потпишав за штипјани, кои тогаш се натпреваруваа во Втората југословенска лига. Фактот што играат во втората по квалитет лига во поранешната држава беше мотив повеќе за мене. Знаев дека доколку тука, во таа конкуренција заиграм добро брзо ќе може да напредувам и да стигнам до некоја прволигашка екипа.
Дебито на Здравков беше против Рад во Белград. Наџаков му даде шанса на младиот фудбалер да заигра во првите 15 минути, а потоа го повлече на клупата.
-Бев малку разочаран, но тоа веројатно беше од тактички причини, колку да го почувствувам „мирисот“ на една второлигашка средба, да видам како сето тоа изгледа. Потоа, се зголемуваше мојата минутажа. Не бев стандарден во првиот тим, но бев среќен што сум во Брегалница и што настапував со асовите какви што беа Коцев, Штериев, Шумански, Иванов, Тошо Атанасов и Арсов, фудбалерот на векот на Штип. Да се игра со нив, па дури и да се седи на клупата, беше чест. Јас трпеливо ја чекав својата шанса, зборува од оваа временска дистанца Здравков.
Веќе следната година – 1978, талентираниот фудбалер станува стандарден. Без него веќе не можеше да се замисли Брегалница во која токму тогаш имаше и смена на генерацијата. Така на младите фудбалери меѓу кои покрај Здравков, најекспонирани беа уште Маџунаров и Алексовски, им се даде вистинска шанса за докажување. Колку екипата квалитетно се издигна потврдува и фактот што во 1981 година, штипјани стигнаа дури до полуфиналето од Купот на Југославија. Тие беа големо изненадување, но и вистинско фудбалско освежување. Брегалница стана хит-за неа многу се говореше во фудбалските кругови и секогаш се споменуваше дека од градот под Исарот потекнува и една од најголемите југословенски,па и европски фудбалски звезди, Драгослав Шекуларац. Со тоа како да растеше и рејтингот на штипскиот второлигаш.
-Таа полуфинална средба во Купот со мостарски Вележ, за кој тогаш настапуваа Мариќ, Владиќ, Халилхоџиќ, Окука и други беше пресвртница во мојата кариера. Средбата беше следена од голем број скаути, па веднаш по неа стигнаа понуди на моја адреса од Динамо, Риека и Вардар. Бев среќен, зашто за мене веќе на големо се зборуваше во фудбалскиот свет. Јас го одбрав Вардар, кој уште како дете кога почнував да играм фудбал беше моја голема желба. Кога стигна и официјалната понуда не се колебав и во 1982 година потпишав 4-годишен договор со скопскиот прволигаш на чие кормило тогаш беше славниот Бобек. Фактот што за мене се интересирал токму тој уште повеќе ми годеше. Меѓутоа, бев свесен и за тоа каква одговорност стоеше пред мене. Не смеев да го разочарам ниту Бобек, кој поради здравствени причини набрзо си замина, ниту бројната армија Вардарови навивачи.
Бобек го одбра „македонскиот крем“
Стјепан Бобек уште од 1979 година, кога го врати Вардар во Првата лига, имаше список од талентирани фудбалери, кои треба да бидат ангажирани во клубот. Тој направи една извонредна селекција, со еден збор го собра „македонскиот крем“ во една средина, во Вардар.
-Една година пред мене од Битола во Скопје дојдоа Трајановски, Георгиевски и Савевски. Кога јас стигнав во Вардар тие веќе беа „староседелци“, раскажува Здравков. Веднаш се вклопив во новата средина во која бев извонредно прифатен. Ние не само што се дружевме за време тренинзите и патувањата, туку заедно делевме многу нешта и во секојдневието. Речиси 24 часови бевме заедно. Тоа придонесуваше да бидеме уште похомогени и во играта, едноставно се читавме и знаевме кој што мисли. Во тој период кога се создаваше една екипа за големи резултати во Вардар дојдоа Симовски и Урошевиќ од Тетово, се вратија Сетинов и Грошев, од ФК Скопје дојде и Чеде Јаневски, потоа мојот клупски другар од Брегалница Гоце Алексовски, а за наша среќа и за среќа на Вардар и македлнскиот фудбал зимата во 1983 година се појави големиот голгетер Дарко Панчев. Кога на ова ќе се додаде дека во Вардар од старите асови тука беа Кочо Димитровски, Зоран Банковиќ, Васил Рингов, Ѓоре Јовановски, Благој Георгиев, Сандре Маневски, Борче Мицевски, тогаш може да сфатите каков состав беше тоа.
Бобек ги одбра младите, а ги задржа старите и – тој си замина! Мораше така да биде, зашто здравјето беше пред се. Тој имаше операција на срцето во Хјустон, па не сакаше повеќе да ризикува и да се изложува на непотребни стресови, кои во фудбалот се многу чести. Се повлече, но остави голем белег во Вардар.
-Потоа во Вардар дојде еден многу поразличен од Бобек, но многу амбициозен тренер- Вукашин Вишњевац, продолжи Здравков. Тој навистина ни ја „вадеше маста“, но затоа пак на физички план бевме топ. Со него постигнувавме добри резултати, ги победувавме и тимовите од големата четворка. Се сеќавам на триумфите над Хајдук во гости и на победата над Партизан од 5:0 во Скопје. Но, и на поразот со ист резултат 0:5, пред своите гледачи од Железничар. Бевме екипа на инспирација, непредлива, но богата со фудбалско знаење. Затоа Вардар беше магнет и за гледачите во поранешната држава. Нашата игра беше брза и динамична, токму онаква каква што ја посакуваше публиката.
Гол за памнетење и за голема радост
Гордан Здравков бранејќи ги боите на Вардар од 1982 до1986 година има постигнато и „наместено“ многу голови. Но, еден –има посебно значење и се уште се памети.
-Тоа беше голот во реванш-средбата од првото коло од Купот на УЕФА против Динамо од Букурешт. На гостувањето загубивме со 2:1. Тогаш голот за Вардар го постигна Рингов. Во реваншот, пак, јас бев стрелец на единствениот гол, кој ни ја отвори вратата во следната рунда, а асистент беше Рингов. Но, за жал во второто коло бевме елиминирани од Данди јунајтед. Иако противникот не беше поквалитетен од нас, на првиот меч во гости судијата не „пресече“ со трите црвени картони што ги додели на Сетинов, Јаневски и Најдоски. Без нив во реваншот беше тешко, иако на почетокот јас промашив зицер, по кој веднаш стигна казната и Данди постигна гол. Тука веќе приказната беше завршена. Бевме елиминирани од Купот, со тага се сеќава на тие два меча Гордан Здравков.
По завршувањето на договорот со Вардар, иако имаше понуда да ја продолжи верноста со клубот, Гордан замина за австрискиот прволигаш Вест од Линц. Тука остана кусо време, за брзо да се врати назад, но не во Вардар, туку во Брегалница.
-Во Штип минав уште три убави фудбалски години, вели Здравков. Овие, а и оние претходните години кога преку Брегалница се афирмирав и стигнав во Вардар, нема никогаш да ги заборавам. Потоа 6 месеци играв за скопски Балкан, за на крајот играчката кариера да ја завршам таму каде што ја почнав во Овче Поле. Овде бев и играч и тренер. Во игра влегував само по потреба, инаку јас не ги почнував натпреварите, им давав шанса на помладите.
Ете, таква беше фудбалската кариера на Вардаровото „буре од барут“, играчот со прекрасен скок, голема брзина и експлозивност. Тој им остана во убави спомени на фудбалските љубители, кои и натаму го следат, но овој пат како тренер. Тој, инаку, беше од првата генерација наши тренери со про-лиценца добиена во Центарот за едукација при ФФМ, на кој денеска и тој му припаѓа.
Лична карта-Гордан Здравков
Роден 1959 година во Свети Николе
Кариера: Овче Поле, Брегалница, Вардар, Фест(Австрија), Балкан
Успеси: Учество во Купот на УЕФА со Вардар, стрелец на решавачкиот гол за пласман во 2 коло против Динамо од Букурешт
Тренерска кариера: Овче Поле, Брегалница, Шкендија, Работнички, Беласица, Напредок, Силекс и Плачковица
Најдобар „скокач“ со Ристов?
За Гордан Здравков, за кого се велеше дека е еден од најекплозивните играчи во поранешна Југославија и по тоа го доби епитетот „буре од барут“, се вели дека беше и еден од најдобрите скокачи. Тој, иако не беше повисок од другите, кога се наоѓаше во 16-сетникот пред противничкиот гол скокаше највисоко и со удар со глава ја сместуваше топката во мрежата. Тренерот Вишњевац често за него знаеше да каже „скока, како да изронил од вода“.
Меѓутоа, Здравков вели дека имало и подобар скокач од него.
-Мислам дека Владо Ристов, соиграч од Брегалница, скокаше повисоко од мене. Тој беше неверојатен, кога ќе се вивнеше во воздухот никој не можеше да му парира.
Панчев има„ дар од господ“
Здравков и неговите соиграчи биле среќни кога на првата екипа се приклучил и тогашниот младинец Дарко Панчев.
-Веднаш видовме дека тој има „дар од господ“ и тоа никој не можеше да му го земе. Беше посебен, се добиваше впечаток дека – постигнувањето голови, за него беше најлесната работа во фудбалот!
Comments are closed.