Принцот Хари е именуван во судските документи поврзани со тужбата во која се тврди дека Шон Комбс, попознат како Пи Диди, организирал забави и тргувал со луѓе, пишува „Дејли мејл“.
Продуцентот кој работеше со Диди, Родни Џонс (Лил Род), го тужеше познатиот рапер за сексуален напад и вознемирување од септември 2022 до ноември 2023 година. Според документите добиени од People, Родни, кој продуцираше девет песни на последниот албум на Диди, „сведочил , доживеал и издржал многу работи кои ја надминуваат неговата улога како продуцент на албумот ‘Love’“.
Меѓу другото, Лил Род во својата тужба тврди дека познанството на Диди со војводата од Сасекс и други големи ѕвезди нему и на неговите соработници им дало „легитимитет“.
Адвокатите на Лил Род велат дека забавите на Диди, кои наводно служеле како „трговија со секс“, привлекувале гости поради неговиот пристап и врските со познати спортисти, политичари, музичари, актери, како и британското кралско семејство, принцот Хари.
Сепак, документите поднесени во САД минатиот месец не укажуваат на тоа дека војводата од Сасекс сторил нешто незаконско.
Дека Хари и Диди се познавале сведочат нивните заеднички фотографии, а на една од сликите со нив е и раперот Канје Вест.
Инаку, ова не е првпат членовите на кралското семејство да бидат вмешани во тешки судски обвиненија.