Огромен пожар синоќа околу 23 часот избувна во Трговскиот центар „Глобал“ во Струмица. Според информациите што ги објавуваат локалните медиуми, пожарот пламнал во продавницата „Џо-Го“ по што тој се проширил во соседните дуќани. Пламентите јазици за кратко време се префрлиле на вториот кат, а дуќаните на приземјето се целосно уништени. Пожарот се проширил и во внатрешниот дел од трговскиот центар, каде се сместени поголем број на тезги.
-Почна на почетокот од првиот дуќан и брзо се прошири. Мојот бутик е целосно изгорен и во него имаше стока од над 20 илјади евра, изјавил сопственик на бутик.
Засега нема повредени, а само на еден граѓанин побарал помош од медицинските екипи, најверојатно од претрпен шок од пожарот.
Засега не се знаат причините за пожарот, во кој е причинета голема материјална штета.