Како и многу други семејства погодени директно или индиректно од пандемијата, така и Бен Џексон поради строгите пандемски мерки во Австралија не можел да се збогува со сакана личност
Имено, австралискиот фармер бил 400 километри подалеку во Нов Јужен Велс, додека неговата тетка Деби ја загубила двегодишна битка со ракот во Квинсленд, а строгите мерки поврзани со ширењето на коронавирусот го спречија да присуствува на нејзиниот погреб.
Така, тој нашол малку поинаков начин да и ја покаже својата љубов – поставил сено во облик на огромно срце, а потоа ги пуштил неговите илјада овци да пасат, па тие формирале срце.
Резултатот го снимил со дрон, а потоа снимката ја споделил на социјалните мрежи.
„Немаше шанси да стигнам таму и да ја видам, да ја поздравам или да одам на погреб“, рече тој за Би -Би -Си.
– Се чувствував беспомошно и безнадежно, не знаев што да правам. Решив да направам големо срце на земја, кое е се` уште премало во споредба со нејзиното срце – рече Џексон, кој на снимката го намонтирал стариот класик на славното дуо Симон и Гарфункел „Bridge Over Troubled Water“, песна што се свирела на погребот.
Тој, исто така, го сподели видеото со роднините пред погребот во понеделникот.
„Тоа беше нејзината омилена песна, беше прилично трогателно“, додаде тој.
Во последниве години, Џексон на сличен начин создал уште неколку уметнички дела со помош на овците, обликувајќи различни симболи и логоа, а неговата тетка отсекогаш била обожавателка на неговите креации.
Последен пат се виделе кога таа дошла да го посети во мај, пред Австралија да ги заостри ограничувањата.
Неговата посветеност на неговата сакана тетка брзо станала вирална, а се емитувала и на телевизиите низ Австралија.
– Тетка ми би уживала во ова и би била горда да види колку насмевки предизвика срцето што го направив за неа. Тоа е љубов, а љубовта е сензационална – заклучил тој.