Српската глумица Весна Пеќанац веќе некое време се храни во народна кујна во Белград, каде што беше снимена на почетокот на годината. Сега таа проговорила за целата ситуација.
„Имав проблеми. Решив некои, но не успеав да решам се. Гладував. Одлично е да гладуваш, добро е. Јадеш помалку, но џвакаш долго”, рекла Весна во емисија Око магазин, пренесе Nova.rs.
„Се случија секакви работи“
„Во 2006. година во Земун немав струја, вода, сè ми течеше. Бев во депресија поради смртта на татко ми, мајка ми и сопругот. Кога дојдов во кујната се случуваа секакви работи.
Дека не стасував да набавам храна за децата и за себе, па вработените да не сакаат да ми ја дадат. Едноставно не сакаат, не ми дозволува жената што работи во кујната, одам поназад, на крајот од работното време ми вели:
‘Не може’. Не можев да верувам кога го доживеав тоа“, додала таа.
„Тоа што ми се случи мене може да му се случи на секого. Такви се времињата и идат такви времиња што тоа може да му се случи на секого. Треба да се движите напред, да го пронајдете својот пат”, заклучила актерката.
Инаку, актерката своевремено опишала низ каков пекол поминувала.
– Во времето на бомбардирањето Живко западна. Чувствував огромна болка, преголема тага. Едниот син отиде да се замонаши. Тој рече: „Мене сите ѕидови ми се урнати“. Останав да зјапам во ѕидот, паднав во депресија. Некогаш бевме големо, весело, складно и работливо семејство… Не можев да играм, побарав пензија. Работата на комичарот е да им дарува радост на луѓето, а јас веќе немав радост. Пензија – 7.000 динари. Бевме гладни. Мислев дека поради тоа целосно ја изгубив меморијата. Една милостива газдарица во супермаркетот во близина на куќата со години ни даваше храна на кредит, таа ги сакаше филмовите на Живко. Сè уште беше жив. Се сеќавам дека еднаш добив пари и можев да бирам дали да одам на пазар или да вратам дел од долгот. Сепак, отидов на пазар. Од чантата ми ѕиркаше млад кромид и јас кружев низ целото маало за таа да не ме види. Му раскажав на Живко, а тој ми рече: „Одиграј го тоа на сцена. И тоа е животот – изјавила во една прилика Весна за српски „Новости“.
По смртта на нејзиниот сопруг, се појавија информации дека актерката била малтретирана од нејзиниот син, а од семејниот дом избегала во прифатилиште за жртви на семејно насилство. Меѓутоа, таа никогаш не сакала да зборува за тоа, туку во тишина ја носела својата мака.
Весна на публиката и е позната по улогите во филмовите „Во името на народот“, „Убавината на порокот“, „Невидено чудо“, како и во серијата „Ѓекна се уште не умрела, а не знаеме кога“, „Оригиналите“ и други. Голем дел од кариерата мина во Ателје 212, каде остана запаметена по изведбата на монодрамата „О, каков прекрасен ден“.