Главната уредничка на руската медиумска организација „Russia Today“, која е под државна контрола, Маргарита Симонјан предвидува дека Третата светска војна ќе избие на Блискиот Исток и дека тоа ќе го одвлече вниманието на светот од руската инвазија на Украина.
Симонјан ова го изјави за време на директен пренос на руската државна телевизија.
Џулија Дејвис од „Daily Beast“ сподели исечок од емисијата на Владимир Соловјов во кое гостуваше Симонјан и даваше мрачни прогнози.
„Маргарита Симонјан предвиде дека Третата светска војна наскоро ќе започне на Блискиот Исток и изрази надеж дека тоа ќе го одвлече вниманието на Западот од Русија“, напиша Дејвис.
„Во истата емисија, водителот Владимир Соловјов утврди дека сатанското НАТО ја започна војната кога ја нападна Русија“, напиша Дејвис.