Наставничка во основно училиште во Марибор доби отказ затоа што одби да се вакцинира или да се тестира за „Ковид-19. Ова е прв таков радикален случај откако словенечката влада, поради ширењето на епидемијата ги заостри анти-ковид мерките.
Според извештаите на медиумите, наставничката активно делувала во антиваксерска група, која неодамна упаднала во студиото на информативната програма, барајќи прекин на „пропагандата“ на владината кампања за вакцинација, и преку видео на Фејсбук ги убедувала родителите да не ги испраќаат своите деца во „режимски и фашистички училишта“, пренесува Хина.
Директорката на училиштето, Катја Прегл, изјави за мариборскиот весник „Вечер“ дека е отпуштена поради прекршување на работните обврски, со оглед на тоа што одбила да носи маска во затворени простории и не ги исполнувала таканаречените ПЦТ услови кои важат за вработените во училиштето за да можат да работат.
Словенечкиот министер за здравство Јанез Поклукар изјави дека ПЦТ условот поставен од владата со ограничувања веќе „дава резултати“, бидејќи бројот на новозаразени лица стагнира во последните денови.
Comments are closed.