Глумецот Грегори Тајри Бојс, кој во „Самрак сага“ го глумеше Тајлер Кроули, е пронајден мртов, заедно со неговата девојка, 27–годишната Натали Адепоју. Нивните тела се пронајдени во стан во Лас Вегас во кој заедно живееле, а се чекаат наодите од обдукцијата и токсиколошкото вештачење.
Ги пронашла братучетката на Грегори, на која и било чудно што автомобилот на глумецот сè уште е паркиран пред куќата, во време кога требало да биде во Лос Анџелес.
Според неофицијални информации, во станот е пронајдена „прашкаста супстанција“, пренесува ТМЗ.
Грегори беше најпознат по улогата на Тајлер во познатиот филмски серијал „Самрак“, каде што го глумеше еден од пријателите на Бела Свон.
Го прослави 30-от роденден на 5 декември, а во трогателната роденденска објава призна дека „не верувал дека ќе дотурка до таа бројка“. Тајри имал во план со својата девојка да отвори ресторан и бил многу зафатен околу тоа.
Неговата мајка се прости од него на Фејсбук со потресни зборови: „Болна сум без тебе. Скршена, изгубена во болката“.
Тајри зад себе ја остави десетгодишната ќерка Алаја, а неговата девојка имала син.