Метеорологот Ребека Шулд минатата недела ги изненади гледачите кога се појави на екраните со нејзината 13-неделна ќерка Фиона во рацете.
„Таа е подготвена. Овде има едно од нејзините дебели ќебиња за студеното време што доаѓа вечерва“, рече Шулд за време на временската прогноза што се емитуваше во живо од нејзиниот подрум поради протоколот за ковид.
Како што вели, ситуацијата воопшто не била планирана.
„Неколку минути ме одвоија од емитувањето на прогнозата, а Фиона штотуку се разбуди. Одам до зелениот ѕид, ја држам во раце, а продуцентот ме прашува дали ќе се појави на екранот. Реков секако дека немам избор“, изјави таа за Yahoo Life.
Таа призна дека се чувствува виновна дел од секундата, а потоа се запрашала зошто.
„Ова е животот. И другите го прават тоа. Родителите работат од дома, нивните деца се болни, плачат во позадина. Предизвикувачки е да се работи со деца, но тоа е наше секојдневие. Тогаш зошто ги криеме?” – се запраша таа.
Тогаш сфатила дека иако го држела детето во раце, сепак си ја сработила работата. Илјадници гледачи се согласија со неа и ја поздравија нејзината искреност.
„Ако имате деца, привилегија е да можете да работите од дома“, истакнува Шулд, но сепак признава дека е тешко да се држите до распоредот со доенче.
„Можам да извршувам повеќе задачи, а сепак да се грижам за неа и да бидам присутна. Во некои земји породилното отсуство трае подолго, така што мајките и/или татковците можат да се поврзат со децата и да не ги пропуштаат нивните достигнувања и пресвртници. Фиона се кикоти во последните недели и почна да гука. Можев да видам се затоа што сум дома со неа. Тоа е најдобриот дел. Зошто не работиме од дома ако можеме да користиме технологија? Зошто мораме да бидеме во канцеларија? Имаме се дома“, објаснува таа.