Југослав Јовановиќ (24), од Милано, Италија, призна дека учествувал во кражбата на пари и накит, во вкупна вредност од 26 милиони фунти, од домовите на познати личности во Велика Британија, но имал и помошници. „Телеграф” пишува дека Југослав бил дел од меѓународна група крадци кои, меѓу другото, упаднале во вилата на Тамара Еклстоун, богатата наследничка на Барни Еклстоун – во Кенсингтон и ја ограбиле.
Тоа е најголемата кражба во куќа досега во В. Британија. Тие украле накит и пари во вредност од 25 милиони фунти додека таа беше на одмор во Финска со нејзиниот сопруг Џеј Рутланд и ќерка им Софија, во декември 2019 година.
Жртви на кражбите биле и поранешниот фудбалер Френк Лампард и покојниот Вичај Шривадханапраба – сопственик на фудбалскиот клуб Лестер сити. Полицијата не успеала да го земе накитот и парите од трите спомнати грабежи. Украдената стока се претпоставува дека е однесена во странство.
На Јовановиќ требаше да му се суди во Ислворт, откако беше екстрадиран од Италија, но тој вчера се изјасни виновен. Тој претходно призна дека е виновен за кражби извршени меѓу 29 ноември и 18 декември 2019 година и дека неуспешно се обидел да купи две јакни „Луј Витон“ од стоковната куќа „Хародс”, со украдените пари.
Југослав ќе биде осуден на 15 ноември, како и Италијанците Алесандро Малтезе и Алесандро Донати, кои исто така беа екстрадирани. Четвртиот крадец по име Даниел Вуковиќ сѐ уште не е фатен и наводно се наоѓа во Белград, Србија. Романските државјани Александру Стан, Сори Марковичи, Марија Местер и Емил Богдан Савастру во јануари оваа година беа ослободени од обвиненијата за вмешаност во кражбите.