Македонски граѓани со двојно државјанство меѓу кои и 12 сезонски работници од Делчево и Струмица, биле вратени од софискиот аеродром пред поаѓање за Цирих.
Како што тврдат самите патници, враќањето од аеродромот се случило на 10 минути пред поаѓањето на авионот, иако имале купена авионска карта и декларација за коридор, односно превоз од ГП „Ѓуешево“ до аеродромот во Софија.
– Вработените во компанијата без никакво објаснување не ни дозволија да заминеме на привремена работа во Швајцарија, иако имаме валиден договор за престој и работа во оваа земја. Се враќаат патници не само со македонско и двојно државјанство, туку и од други земји и тоа на само 10 минути пред влегување во авионот, со што не бевме во можност правно да реагираме, велат патници кои биле вратени од аеродромот, информираа дел од вратените македонски државјани.
Враќањето од аеродромот, како што додаваат, се случува иако претходно се направени сите процедури и контроли, но кога требало да влезат во авионот едноставно ги вратиле назад, со што целосно им пропаднале авионските карти и договорот за работа со швајцарските работодавци.
Тие со македонско и двојно државјанство сега се наоѓаат во 14 дневна домашна изолација.
– Во наредните 14 дена нема да бидеме во можност да реагираме за неправдата која ни е нанесена, бидејки сме во самозиолација. Сепак ќе бараме правна разврска за овој грабеж од страна на компанијата. Ова што нам ни се случи нека биде поука и за сите останати кои планираат да ги користат услугите на бугарската авио-компанија, велат дел од патниците кои поради неможноста да дадат изјава, телефонски информираа за случајот.
Тие наведуваат дека на граничните премини и од македонска и од бугарска страна, како и гранична полиција од двете страни коректно се однесувале кон нив по враќањето во земјава, додека правните дејствија ќе бидат насочени кон компанијата „Ер-Бугарија“ од која ќе бараат оштета и целосно враќање на средствата за авионските карти.