Поради покачувањето на цените на месото гирото во Грција од 1 мај се очекува да биде поскапо за 10 до 15 проценти, односно за 10, 20 или 30 центи, и новата цена ќе биде приближно три евра.
По веста за зголемувањето на цената, што ја објави грчката телевизија „Скај“, се огласи претседателот на Комората на трговци од Атина, кој повика на дијалог со цел цените да останат исти, а дописничката на МИА од Атина поразговара со сопственици на таверни кои служат гиро и ја потврдуваат информацијата.
– За жал ќе мора да ја зголемиме цената, веројатно тоа ќе биде од 1 мај. Ако сега гирото чини 2,10 евра, тогаш цената ќе биде 2,20 или 2,30 евра, вели за МИА сопственичка на продавница за гиро.
– Слушнавме за покачувањето на цената, меѓутоа ние, за почеток нема да направиме промени. Цената ќе остане иста, иако месото е поскапо, вели сопственик на таверна.
На прашањето на МИА дали тоа им оди во прилог во однос на профитот, сопственикот вели дека генерално, гирото за носење не носи воопшто профит, но немаат друг избор, бидејќи сакаат да им излезат во пресрет на граѓаните.
– Тоа е како домино. Поскапо месо, поскапо гиро. Што да правиме. Не можеме ние да ја покриеме разликата. Со зголемувањето на ДДВ пред некоја година, не ги покачивме цените. Решивме, да ја покриеме ние како таверна. Но, сега ќе мора да се направат промени. Секако, поскапувањето нема да биде големо, 10, 20 или 30 центи не се многу. Поважен ни е квалитетот, вели сопственичка на таверна во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Сопствениците на таверните и рестораните кои подготвуваат и служат скара, а работат на формирање свое здружение за да се справат со проблемите во нивниот сектор, за грчката телевизија „Скај“ велат дека цената на месото од 1 март е зголемена за 30 отсто.