Додека голем дел од вниманието на светот е насочено кон битката во Бахмут, руските напади беснеат и во шумите и полињата на околу 80 километри северно од градот, во близина на Кремина. Војниците се таму во рововите, опкружени со дрвја, „клекнати за да го избегнат рускиот непријател“.
„Луѓето велат дека е тешко во Бахмут. Но и овде е сурово“, изјави за „Њујорк тајмс“ украинскиот војник Валентин, кој ѝ се приклучил на војската пред седум месеци.
Во текот на минатиот месец Валентин бил стациониран на местото на евакуација. Секој ден тој патува на линијата на фронтот за да ги спаси ранетите војници и да ги извлече телата.
На само неколку километри од линијата на фронтот, воените медицински лица чекаат да ги примат ранетите.
Неговата задача е да ги евакуира мртвите и ранетите војници. Речиси секој ден вози до првата линија и назад.
„Кога ќе ни кажат ‘на 300’, тоа значи дека некој е ранет. Шифра 200 значи дека се мртви. Можеме да се оддалечиме 500-600 метри од непријателот. Ги земаме ранетите и брзо се враќаме бидејќи веднаш сме гранатирани. Млади луѓе гинат. Уште не го ни виделе животот. Тешко ми е да гледам. Понекогаш тивко плачам. Не знам зошто е оваа војна“, изјави Валентин за „Њујорк Тајмс“.
На прашањето што е најстрашното нешто што го видел, Валентин одговори со страв и ужас на лицето:
„Нема да ти го кажам тоа. Никој нема да разбере. Тоа може да го разберат само оние што го виделе“.
Во потивки моменти, кога нема кој да се евакуира, Валентин патува длабоко во шумата за да пренесе војници до контактната линија. Таму руските и украинските војници понекогаш се оддалечени само неколку стотици метри.