Германскиот пратеник Тобијас Цех поднесе оставка во четврток вечер откако магазинот „Шпигел“ објави дека земал кеш за да лобира за ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.
Според сознанијата “ Шпигел“ приватната фирма на Цех примала петоцифрени хонорари за консултантски услуги на ВМРО-ДПМНЕ, „на чие чело беше корумпираниот политичар Никола Груевски“, пишува весникот.
Цех го демантира ова, објави германски Фокус.
-Со цел да ги отфрлам сите потенцијали предрасуди, одлучив по своја волја да поднесам оставка од мојот политички мандат во Бундестагот како и од моите должности во партијата веднаш“, им напиша Цех на своите сопартијци.
Инаку, во текот на 2016 и 2017 година германскиот пратеник во повеќе наврати се среќавал со Груевски и тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и лобирал за нив.
Непосредно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година, Тобиас Цех му изрази јасна поддршка на тогашниот премиер Никола Груевски и изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи на изборите по што ќе ја продолжат соработката и во иднина.
Како потпретседател на ЕПП, Цех се појави на големиот митинг на коалицијата предводена од ВМРО – ДПМНЕ „За подобра Македонија“ во ноември 2016 година и истакна дека „ВМРО-ДПМНЕ е партија за пример, а нивната програма е програма за иднината на Македонија“.