Цела населба во германскиот град Хајнсберг ќе стане лабораторија за експертите да го проучуваат ширењето и однесувањето на коронавирусот и како тој може да се запре.
Хајнсберг, градот на границата на Германија и Холандија го нарекуваат ‘германскиот Вухан’ – во тој град има потенцијално најмногу заразени луѓе од коронавирусот.
Во градот во кој што има 250.000 жители, од коронавирусот заразени се 1.281, а починати 34 луѓе. Досега излечени се 550 пациенти.
Според проценките на германските експерти, овој град, кога станува збор за ширењето на коронавирусот, е две до две и пол седмици пред останатите градови на Германија.
Поради тоа, германските епидемиолози и вирусолози дел од овој град го претвориле во ‘лабораторија во живо’ за да го испитуваат коронавирусот.
„Резултатите наскоро ќе бидат користени како основа за тоа што Германија треба да го направи во наредниот период, а истите ќе бидат корисни и за останатие земји во светот“ -изјавил Хендрик Стрејк од Универзитетот во Бон.
„Ќе собереме информации и практични совети како да се бориме со Ковид-19 и како можеме во иднина да го задржиме, а да не го блокираме целиот живот на луѓето“.
Научниците ќе влезат во 500 домаќинства, како и градинки и болници, за да проучат како се шири инфекцијата. Ќе се обрне внимание на секој аспект од секојдневниот живот, од степенот до кој децата ја шират инфекцијата кај своите родители и како инфекцијата се шири во семејствата – преку рачки на вратите, чаши и далечински управувачи – но и дали миленичињата и одредени видови храна можат да го пренесат вирусот.
„Ако има начини да се спречи ширењето на инфекцијата во нашата област, ние сакаме да знаеме кои се тие начини со цел да се воспостават правила и како сите можеме слободно да се движиме во нашето опкружување“, рече Стрек кој бил изненаден, дека советниците за јавно здравство од различни влади претходно не дошле до оваа идеја, бидејќи „спречувањето на инфекцијата е од национален интерес“.
Тој, исто така, рече дека се надева оти студијата ќе им помогне на носителите на одлуки да постигнат баланс помеѓу одржувањето на нормалниот животен стил и стапката на смртност.