Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Гасовите во цревата се нормална работа, сите имаат гасови и се дел од дигестијата. Дел од гасовите се од проголтан воздух, дел се создаваат во цревата од бактериите кои ја разградуваат храната.
Подуеност се јавува во било која возраст но многу е почеста кај постарите поради промените кои се јавуваат со возраста.
Успорен метаболизам – со возраста се намалува гастроинтестиналниот мотилитет, се успорува брзината со која храната поминува низ телото, има повеќе време за насобирање на гасовите, се намалува ратата на ослободување на гасовите. Ферментацијата на храната создава гасови кои ако не се испуштат, се насобираат и водат до непријатно чувство на надуеност.
Губиток на мускулната маса и тонусот со годините. Ова допринесува за забавување на метаболизмот и го афектира мотилитетот на цревата што води до ризик од констипација која е главна причина за надуеност.
Намалената физичка активност води до успорен мотилитет на цревата.
Медицински состојби – дивертикулитис, улцерозен колитис, Кронова болест, Синдром на иритабилно црево, Дијабетес, Склеродерма, тироидна дисфункција. Надуеноста е еден од поблагите симптоми.
Има лекови кои предизвикуваат дигестивни проблеми. Диуретиците, наркотичните лекови за болка може да водат до констипација и надуеност. Антибиотиците може да ги уништат добрите бактерии во цревата.
Менопаузата и проблемите со пелвичното дно водат до понатамошно успорување на метаболизмот, промена во функцијата на цревата кои имаат рецептори за естроген и надуеност која е позната појава која се случува во менопауза. Дисфункција на пелвичното дно кај жените допринесува за констипација, некомплетна дефекација и надуеност.
Р′чење и слип апнеа – при спиење со отворена уста се голта воздух кој може да биде заробен.
Воздух се голта и при џвакање гума за џвакање или лижење бонбони, брзо јадење, пиење преку сламка.
Рефлукс на киселини почесто се јавува со возраста поради губиток на мускулниот тонус на желудникот и хранопроводот.
За намалување на надуеноста нема магична храна или лек.
Избегнување на храна која предизвикува гасови – гравот, карфиолот, броколите, зелката и прокељот содржат влакна и субстанца рафиноза која бактериите треба да ја обработат. Тоа создава гасови и води до надуеност. Избегнување на додатоци на исхраната со влакна кои содржат псилиум, вештачки засладувачи (сорбитол, манитол, ксилитол), интолеранција на некоја храна, храна која не се абсорбира добро, најчесто млечни производи, храна со глутен или некои зрна.
Побавно јадење – колку побрзо се јаде толку повеќе воздух се голта кој се зафаќа во желудникот и повеќе храна се внесува.
Да не се прејадуваме – ако се внесува премногу храна таа може да заостанува во желудникот и тоа дава надуеност.
Избегнување на констипација – внес на влакна, овошје, зеленчук, добра хидратација, регуларна физичка активност.
Ограничен внес на газирани пијалоци – воздухот кој се голта кога се пие газирано го исполнува дигестивниот систем; дел се ослободува со подригнување и дел поминува низ цревата и се испушта на другиот крај.
Избегнување на прости шеќери (слатки, бело брашно, тестенини) кои при процесите на обработка може да водат до надуеност.
Comments are closed.