Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа во интервју за ТВ Прва изјави дека Отворен Балкан е „најголемиот мировен проект што Балканот сам го направил” и оцени дека иницијативата, чиј дел се Србија, Албанија и Северна Македонија, „може да биде машина за раст и развој на цела Европа”.
„Не ги разбирам оние кои не сакаат да влезат во Отворен Балкан (Косово, Црна Гора и БиХ), тоа не е ниту голема Србија ниту голема Албанија, тоа е само наша заедничка работа и борба да имаме право на иднина по наша желба”.
Во интервјуто нагласи дека неговата одлука да не се кандидира за претседател на партијата е дефинитивна и дека за таа функција има четири или пет кандидати.
Вучиќ изјави дека е задоволен од реакцијата на албанскиот премиер Еди Рама и од добар дел од албанското општество за палењето на српското знаме во Тирана.
„И овде ги симнаа и запалија знамињата на Албанија кога дојде Рама, се разбира дека е лошо, ужас, нецивилизирано е да се палат туѓи знамиња, но јас сум задоволен од реакцијата на Рама и добар дел на албанското општеството, како и поради реакциите на добар дел од српското општество”. Тој додаде дека Србија има добри и пријателски односи со Албанија и дека Рама е под голем притисок поради тоа, меѓу останатото и од Приштина.
Вучиќ нагласи дека Белград ќе се спротивстави на евентуалното воведување санкции против политичарите од Република Српска, наведувајќи дека тоа не е начин да се решаваат проблемите во Босна и Херцеговина.