Голема огнена стихија ја зафати напуштената фабрика „Треска“. Ова е втор пожар во рок од неколку месеци што доволно говори дека запуштениот индустриски капацитет со години е потенцијална опасност.
Старите инсталации и разрушената инфраструктура се огромен ризик за пожар, а двата пожари за кратко време тоа го потврдуваат. Во септември лани, пожарот кој избувна во фабриката беше предизвикан од топење на кабли. Агенцијата МЕТА тогаш објави дека непознати луѓе во напуштените погони нелегално топеле кабли.
Скопјани и денеска сведочеа на црн огромен облак што се крена над централното градско подрачје. Пред да се зададе црниот чад, се слушна и страотна експлозија.
Фабриката е напуштена, но е збиралиште на бездомници, а во халите кои некогаш биле погони за производство на мебел, има натрупано ѓубре на кубици. Причината како избувнал пожарот допрва ќе се утврдува, но факт е дека вакви напуштени локации се секогаш подложни на пожари.
Луѓето кои живеат во околината на напуштената фабрика повторно беа доведени во опасност. Треска е исто така и „еколошка бомба“ каде има азбестни кровови кои се ризик по здравјето на граѓаните. Тие дополнително може да бидат и причина за пожарот, со што се доведува во прашање не само заштитата на здравјето на луѓето од околината, туку и на цело Скопје.