Дoкторот Вело Марковски на својот Фејсбук профил во опширна анализа ги објаснува симптомите на грипот и настинката, но и која е разликата помеѓу нив и последната варијанта на Ковид-19, омикрон.
“Грипот е болест од која човекот најмногу се плашеше/плаши до појава на САРС КоВ 2 вирусот. Пред се поради пандмеијата од 1918-21 година предизвикана од H1N1 подтипот на инфлуенца А вирусот која однесе 20-50 милиони пред се млади животи. Секоја држава, секој регион има лабораторија која ги следи мутациите на вирусот на инфлуенца (Ortomixovirusi). Има три типа А, Б, Ц, од кои во форма на поголеми епидемии и пандемии се јавува типот А. Една од најпроучуваните болести во медицината, со многу карактеристична клиничка слика. Првите два до три дена има само симптоми како висока температура, малаксаност, главоболки, болки по коски, мускули, зглобови…Дури третиот ден почнуваат таканаречени катарални знаци како течење од нос, кивање, солзење… Присутно е и воспаление на грлото (тонзилитис, или ангина). Болеста трае 5 дена. Инкубацијата е кратка од 1 до 3 дена поради што исклучително брзо се шири. Оваа карактеристична клиничка слика е доволна за поставување на дијагноза само врз основа на симптомите со точност до 70-80% (за време на епидемија). По прележување на грипот може да се јават бактериски супер инфекции (најчесто синузит, бронхит, типична пневмонија). Диференцијално дијагностички најмногу проблеми прави настинката која е предизвикана од над 200 типови на рино вируси, но и од параинфлуенца, корона вируси, Респираторно синцициелен вирус, инфлуенца Ц… Клинички искусен лекар лесно ги разликува бидејќи кај настанкита нема температура (не над 37,5 целзиусови степени) а за разлика од грипот од првиот ден се присутни катаралните знаци (кивање, течење од нос, солзење…)
Грипот како поединечни случаи може да се јавува постојано, но во епидемии се јавува само во зимските месеци. Епидемија се прогласува ако има зафатеност на 3-5% од населението во еден град, регион, држава…До сега епидемии се јавувале секоја година, на две години или на три години. Не се случило да нема епидемија по изминати три години. Ние немавме епидмеија во последниве две години, највероватно оваа година ќе има/имаме епидемија со грип.
Во што се разликува епидемиолошки грипот од други респираторни инфекции (како на пример од омикрон…)
Ширењето е брзо поради инкубација од 1-3 дена, теоретски некој и после еден ден ја шири инфекцијата (САРС КоВ-1 вирусот се шири многу поспоро поради инкубацијата од 4-5 дена). Еден ден пред да се појават симптомите болниот со грип е веќе заразен, тоа е уште една од причините за експлозивно ширење на инфекцијата.
Грипот пред се ги напаѓа децата (за разлика од САРС КоВ-1 вирусот кој не ги разболуваше децата или ако ги разболи поминуваат лесно.
Зголемена општа смртност, отсуство на голем број на деца од училиште, зголемени хоспитализации (од сите болести), зголемен број на воспаленија на мозкот (менингити, енцефалити, енцефалопатии…) укажуваат дека во тој регион има епидемија од грип.
Многу од болните во овој период (изминативе 30-40 дена) со акутни респираторни симптоми одат со клиничка слика која многу личи на грип. Постојат бројни брзи и серолошки тестови за потврда на дијагнозата на грип. Во време кога сме во пандемија со КОВИД 19, несериозно и мошне опасно е да не ги пратиме и не ги проверуваме другите респиратрорни болести кои можат да дадат епидемија или пандемија“, напиша д-р Марковски.